1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мечкина услуга од синот на Трамп

Александра фон Намен
13 јули 2017

Сакајќи да му помогне на својот татко, Доналд Трамп Јуниор неговата изборна победа ја ставил над интересите на земјата. Неговата средба со руска адвокатка ја турна Белата куќа во криза. Коментира Александра фон Намен.

https://p.dw.com/p/2gRRa
Donald Trump Jr.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Willens

Што само си мислел притоа? Во овој момент многумина во Вашингтон си го поставуваат ова прашање, и тоа од двете страни на политичкиот спектар. Објавените имејл-пораки на Доналд Трамп Јуниор го покажуваат глупавиот и неодговорен начин на однесување на најстариот син на актуелниот американски претседател во аферата во врска со Русија.

„Сакам вакво нешто!“

Средба со руска адвокатка, на која ѝ се припишуваат тесни контакти со Кремљ? За Доналд Трамп Јуниор тоа не бил никаков проблем. Па дури и ако токму Кремљ со инсајдерски информации сака да му помогне на неговиот татко да стане претседател на САД? „Ми се допаѓа, сакам вакво нешто“, му одговара Трамп Јуниор на еден дубиозен публицист, кој ја организирал средбата со адвокатката.

Шансата да добие компромитирачки материјал за Хилари Клинтон, очигледно го „наелектризирала“. Трамп Јуниор средбата ја сметал за толку важна, што дури ги замолил на разговорот да присуствуваат и Џеред Кушнер, зетот на Трамп и негов советник, како и Пол Менефорт, во тоа време шеф на изборната кампања на Трамп. 

Револтираност во Вашингтон

Дека прифаќањето на ваков контакт е дискутабилно, а освен тоа и на границата на легалноста, се чини дека воопшто не го загрижувало Доналд Трамп Јуниор. „Секој друг веднаш би го информирал ФБИ“, реагираат огорчено демократски, но и републикански политичари. Најстариот син на Трамп воопшто не дошол на таква идеја. Толку наивно, толку глупаво! Толку безобразно.

„Целата хистерија околу Русија во тој момент воопшто не беше тема“, се правдаше Трамп Јуниор во ексклузивно интервју за ТВ Фокс њус. Тој тврди дека не направил ништо погрешно или илегално. Но сепак полугласно призна дека, од денешен аспект, би било попаметно поинакво однесување.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Еден прекуброен погрешен чекор?

Електронската преписка го става Доналд Трамп Јуниор во центарот на аферата со Русија, која неговиот татко се надеваше наскоро да ја стави ад-акта. Трамп Јуниор и порано се истакнуваше со повремени скандали. Но, овојпат ја втурна Белата куќа во длабока криза.

Американскиот претседател го поддржува својот син, но се насетува дека Трамп Сениор не е многу одушевен од својот потомок. „Тој е исклучително квалификувана личност. Се восхитувам на неговата трансперентност“, порача претседателот преку својата портпаролка. Притоа, Доналд Трамп Јуниор ги објави имејлите само за да го пресретне „Њујорк тајмс“.

Прво семејството, потоа државата

На овој начин, синот станува најголем фактор на ризик за својот татко. Во изминатите месеци, штабот на Трамп се трудеше аферата околу Русија да ја претстави како лов на вештерки. Се тврдеше дека немало никаква координација меѓу руската влада и изборната кампања на Трамп. Сето тоа биле измислици, теории на заговор од Демократската партија, која не може да се помири со својот пораз.

Дали Кремљ му помогнал на изборниот тим на Трамп со давање информации? Дали руската адвокатка сепак работела по налог на Москва? Имало ли и други средби? Тоа не го знаеме. Но, сега знаеме дека во тимот на Трамп имало членови лакоми да прифатат руска помош. Доналд Трамп Јуниор бил подготвен на тоа, ставајќи ја изборната победа на својот татко над интересите на својата земја.