1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ и ДПА прифаќаат вонредни избори

22 февруари 2011

Двете најголеми партии на Албанците во Македонија во понеделникот најавија дека ја прифаќаат иницијативата за организирање предвремени избори во земјата. Од ДПА бараат, претходно да бидат исполнети и неколку нивни услови

https://p.dw.com/p/10Lfz
Фотографија: picture-alliance / dpa

„ДУИ беше отсекогаш децидна дека не е за предвремени парламентарни избори без решение на проблемите. Но, со оглед на тврдоглавото одбивање на опозицијата да се врати во Собранието да разговараме и да разговараме и за тие теми, сметаме дека одложувањето на предвремените парламентарни избори веќе претставува сопирачка, веќе претставува проблем. ДУИ дефинитивно не е против одржувањето на таквите избори“, изјави за Дојче Веле Џевад Адеми, пратеник на ДУИ спроти одржувањето на седницата на Централното претседателство.

Според Адеми, „Груевски самиот изјавил дека по консултациите со ДУИ им понудил на опозиционите партии да се одржат предвремените парламентарни избори час поскоро“.

И ДПА има предуслови

Опозициската Демократска партија на Албанците денеска на прес – конференцијата во Тетово соопшти дека прифаќа одржување предвремени избори, но „ако се прифатат нејзините барања, за да бидат тие избори регуларни и прифатливи“. „Бараме промени во изборниот законик во смисла на редефинирање на изборната единица број 6, оти таа сега со бројот на гласачите е поголема од законскиот цензус. Бараме прочистување на избирачките списоци од фиктивните гласачи, поголема застапеност на партиите со свои претставници во избирачките одбори и комисии, како и постојано и засилено меѓународно набљудување на изборите. Ако овие барања на ДПА бидат прифатени, тогаш таа е подготвена да се врати во Собранието, но само колку да се донесе одлука за негово самораспуштање и прогласување предвремени парламентарни избори“, изјави Луан Треси, гласноговорникот на партијата на Мендух Тачи на средбата со новинарите во Тетово.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски