1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците стенкаат под товарот на високите цени

Клаус Хеслинг / З. Јордановски4 јули 2008

Растот на инфлација и на цените им создаваат главоболки на потрошувачите туку-речи насекаде во ЕУ. Европската централна банка реагира со покачување на каматите во зоната на еврото од 4 на 4,25 проценти.

https://p.dw.com/p/EW9A
Претседателот на Европската централна банка Жан-Клод ТришеФотографија: AP

Потрошувачите од Белгија до Кипар стенкаат под товарот на значително покачените цени последните месеци. Во Брисел веќе не може да се добие порција компири за помалку од две евра - 30 центи повеќе отколку до пред неколку месеци. Литар млеко чини едно евро и 57 центи. Крај на скокањето на цените не е на повидок. Стапката на инфлација изнесува 5,8 проценти - во земјите од зоната на еврото повисока е само во Словенија.


Спиралата на цените води кон опасност од стагфлација


Белгиските потрошувачи во јуни излегоа на улични протести поради експлозивниот пораст на цените, иако платите во Белгија се врзани за инфлацијата - ако расте таа, скокаат и тие. Но, тоа пак може да биде проблем за стопанството, чиј раст веќе сега е заслабен. Експертите предупредуваат на една од најголемите болести за економијата - стагфлацијата, што значи се’ побрз пораст на цените со паралелно опаѓање на стопанската моќ. Таква опасност гледаат експерти и во Германија, иако поранешниот сојузен министер за финансии Ханс Ајхел смета дека „севкупно, и посебно во Германија, стопанската ситуација е се’ уште робустна“.


Висока инфлација насекаде во ЕУ


Во целата Европска Унија инфлацијата е највисока во Балтичките земји. Во Летонија на годишно ниво таа достигна 17,9 насто. Висока инфлација има насекаде - од Финска до Кипар, од Бугарија до Шпанија. Во четирите најголеми земји - Германија, Франција, Велика Британија и Италија - таа е под европскиот просек кој изнесува 4 насто, но и кај нив ги надмина долгогодишните највисоки вредности. Потрошувачите се посебно погодени, бидејќи особено скокнаа цените на производи кои редовно се користат - млеко, леб, бензин, гас и струја.


Холандија е единствен исклучок


Во Холандија инфлацијата изнесува 2,1 насто - само една децимала над границата за стабилност на цените. Според експертите, таму е клучна спогодбата меѓу синдикатите и работодавците во изминатите години за ниски тарифни договори со кои се регулира порастот на платите, а влијае и особено острата конкурентска борба меѓу супермаркетите - на радост на потрошувачите. Но, успехот се загрозува самиот себе си: на стопанството му е неопходна добро образована работна сила. Натпреварот да се дојде до неа може да води кон пораст на платите, а со тоа и во Холандија да ја поттикне спиралата на цените.


Покачувањето на каматата - „сигнал дека се брани стабилноста на еврото“


Во вакви услови Европската централна банка мораше да реагира. Советот на банката вчера во Франкфурт ја повиши каматата на парите што таа им ги позајмува на деловните банки, се цел да се запре инфлацијата, која во јуни достигна 4 проценти, двојно повисоко од горната граница за стабилност на цените, што Банката ја дефинирана на два процента.

„Ако се погледаат најновите анкети, јасно е дека инфлацијата во моментов е тема број еден за нашите граѓани. Во еврозоната ги има 320 милиони и тие сметаат на нас“ - рече претседателот нас банката Жан-Клод Трише. Германскиот сојузен министер за стопанство Михаел Глос го поддржа решението на банката: „На тоа прво гледам како на сигнал дека се брани стабилноста на еврото. Не гледам никакви негативни последици од ова одмерено покачување на каматата“.


►◄