1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците бараат да се мисли на ЕУ-интеграцијата

6 јуни 2011

Европратениците ги поздравуваат резултатите од изборите во РМ, честитајќи на победниците и на високиот одзив на гласачите, барајќи од новата власт и опозиција вистински дијалог и посветување на европската интеграција

https://p.dw.com/p/11VDZ
Фотографија: AP

Во Стразбур и Брисел не се крие желбата за побрзо формирање на новото Собрание и Влада за Македонија и нејзините граѓани да не губат време.

Сега е потребен дијалог

„Се надевам дека по овие избори дијалогот меѓу идната власт и идната опозиција ќе биде повторно воспоставен и дека дискусиите меѓу нив ќе бидат полесни. Ова е посебно важно, бидејќи сликата со караниците што тие ја даваа за време на изборите навистина не беше најдобрата што можевме да ја видиме во нашите весници“, вели германската европратеничка Дорис Пак од редовите на народните партии, која беше изненадена од премногу остриот тон во предизборната кампања.

Дорис Пак
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

„Мило ми е што слушам дека немаше некои поголеми инциденти и се надевам дека овие избори ќе останат запаметени во историјата како демократски и фер избори и дека новата власт, која ќе биде нова или стара власт, ќе работи за доброто на сите граѓани на Македонија. Тоа што и‘ треба сега на Македонија е чекор напред колку што е можно побрзо, бидејќи очекувањата овде, во Брисел и Стразбур, се дека извештајот на Европската комисија во октомври ќе биде критичен“, оценува словенечката европратеничка Тања Фајон од редовите на групата на европските социјалисти.

Пред новоизбраните остануваат бројни задачи

Двете европратенички од најголемите политички групи во Европскиот парламент, кои добро ја познаваат Македонија и регионот, сметаат дека пред новоизбраните македонски раководители остануваат уште многу задачи.

„Сега посебно мислам на Македонците и Македонките, за кои животот треба да стане нормален и тие да се занимваат со секојдневните работи. За да почнат преговрите со ЕУ, се разбира дека е потребно да се побрза да се најде решение за името. Можеби Грција, која во моментов ужива голема европска солидарност, може да помисли малку и на својот сосед, кој веќе одамна и со нетрпение го чека почетокот на преговорите со ЕУ“, нагласува Дорис Пак.

Тања Фајон (д.)
Тања Фајон (д.)Фотографија: DW/Makimovic

Тања Фајон, од своја страна ги нагласува приоритетите кои според Брисел и Стразбур се очекуваат од земјата веднаш по изборите.

„Македонија треба колку што е можно побрзо да продолжи на патот кон Европската Унија, да продолжи со европската агенда и со сите реформи кои се за тоа потребни.“

Во тој контекст и словенечката европратеничка нагласува дека е потребно да се најде колку што е можно побрзо решение за името.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска