1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едно име – многу можни губитници

12 мај 2018

Ако пропаднат преговорите за името, нема да загуби само Македонија, туку и Грција. ЕУ и НАТО ќе мора да измислат нов наратив за да им се приближат на овдешните граѓани. Ќе има само еден добитник - Русија.

https://p.dw.com/p/2xXlQ
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога некаде во јануари годинава грчкиот министер за внатрешни работи и влијателен член на Сириза, Панос Скурлетис, на дописничката на лондонски „Обзервер“ експлицитно ѝ изјави дека прашањето за името е „глупав спор што треба да се реши. Тие сакаат да го решат и мислам дека ќе биде решен во 2018 година. Ако не сега, тогаш кога?“. Тоа тогаш изгледаше како искрен одговор на бранот на оптимизмот кој ги поплави двете страни на границата. Четири месеци подоцна, чекор по чекор, овој оптимизам речиси исчезна во маглите на предрасудите и националистичките митови. Во овој миг решението за името изгледа исто толку далеку како во годините кога „бевме предолго покриени од националистичката глупост и популистичката пропаганда“, како што изјави во истиот текст на „Обзервер“ солунскиот градоначалник Јанис Бутарис.

Навистина, дали популистичката пропаганда ги прекри сите надежи дека решение е навистина можно? Прво изгледаа како дипломатски спектакл неколкуте средби на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи, а кога тие за кусо време станаа рутина и кога двајцата дипломати застанаа пред ѕидините на политичките замоци во обете земји во кои се служи храната за непопустливост зготвена од анкетите, нивната мисија за компромис сега изгледа како невозможен потфат. Најтешките работи во овие преговори со јавни насмевки и нагласена срдечност беа оставени за најпосле, а во овој момент изгледа дека не е возможно да се изгради мост на кој, како во времето на Студената војна во Потсдам, ќе се разменат националистичките духови и замислената сопственост над минатото.

Некои очекуваат дека идната недела во Софија, за време на самитот на ЕУ и Западен Балкан, може да се случи чудо и Зоран Заев и Алексис Ципрас да објават дека е постигнат договор. Дека двајцата лидери, под притисок на целата европска камарила, ќе ги разводнат линиите со црвена, сина, зелена или којзнае каква боја. Бидејќи како што се доаѓаше до најтешките прашања изворите во Атина и Скопје се затвораа како школки големо прашање е дали, всушност, во досегашните преговори имало суштински напредок во најкомплицираните проблеми. И дали целата стратегија на преговорите – најтешкото да се остави за најпосле – можеби беше поставена погрешно од обете страни. Затоа што ако нема договор пропаѓаат и сите работи за кои е постигната согласност, како да не се случиле. И ќе остане само некаквото ново разбирање меѓу двата соседи, неколкуте добри гестови од политичко значење кои, сепак, се ограничени во својот дострел, како и променетата перцепција на подобро кон другиот во обете престолнини. Но, како што рече германскиот државен секретар за европски прашања, Михаел Рот, во Скопје, статус-кво ситуацијата ќе продолжи со години. Важното прашање во овој момент е кои ќе бидат губитниците доколку дојде до колапс на преговорите и дали ќе има барем еден добитник.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Редот на губитниците

Во една реална перцепција, а не политички халуцигена, многумина ќе се постројат во редот на губитниците доколку спорот се врати во зоната на замрзнат конфликт. Зоран Заев ќе биде меѓу првите во редот на губитниците. Барем две третини од десетте месеци на новата влада беа потрошени во френетична потрага по решение за името и на моменти тоа решение изгледаше како да е на дофат. Но преговорите ги допреа заблудите, а не решението. Заев вложи голем дел од својот политички капитал во преговорите, го избра Никола Димитров за министер за надворешни работи, верувајќи дека со неговото искуство како преговарач и ценет дипломат, ќе може заеднички да го постигнат она што другите не можеа или не сакаа. Скопската дипломатија на шармот функционираше одредено време, а потоа работите влегоа во бунарот на реалполитиката, каде е тешко да се направи еден чекор, а камоли три.

Заев веруваше дека со својата простодушност, несвојствена за балкански политичар, и отвореност, ќе може да се обликува како регионален визионер, кој успеал да урне еден автократски систем, да потпише договор за ново разбирање со Бугарија и да го реши она што изгледаше нерешливо – името. Заев сега можеби размислува дека било полесно да се изведе револуција, каде е потребна храброст и добро конципирана тактика и стратегија, отколку да се завршат едни преговори со земјата која е мастерклас во трговијата, вклучувајќи ја политичката. Пропаста на разговорите за името, заедно со останувањето во чекалната на НАТО и утешителните удирања по рамото од страна на европските функционери доколку нема датум за преговори, ќе бидат сериозен удар за Заев и за целиот концепт на неговата политика. Објаснувајќи дека со алтернативниот план ќе сме ја донесле Европа дома, Заев се труди да излезе од сопствената замка. Ниедна држава од посткомунистичкиот свет не ја донесла Европа пред да влезе во ЕУ, па нема ни Македонија. Тоа изгледа на провизорно објаснување, колку да се каже нешто, и на многу убедлив начин покажува колкави биле надежта и енергијата што Заев ги вложи за решение на името. Можноста потоа опозицијата (па и структури во владејачката гарнитура) да побара нови избори ќе биде најлесната работа за решавање. Поради опозициската конфузија новите избори може ќе му донесат победа на СДСМ, но прашање е како власта ќе го дефинира наративот за наредните години. ЕУ не ќе може да биде на масата, а многу дискутабилно ќе биде да се зборува за „животот“.

Заев некако претчувствува дека без чудо кое треба да го изградат заедно тој и Ципрас, работите ќе се префрлат во графата на разочарувањата, па забележливо е како се намалени очекувањата дека во Софија или некоја недела подоцна ќе може да се објави решението. Пропаста на преговорите ќе ја намали политичката супстанца на Зоран Заев, но во основа тие, сепак, не претставуваат опасност за неговото политичко владеење. Јавноста има искуство со вакви разочарувања и таа е повнимателна и пореална. Но Заев ќе треба да се реинвентира себеси и да го реинвентира сопствениот оптимизам.

Работите ќе бидат малку полесни за Алексис Ципрас доколку неговата влада продолжи да инсистира на промени со голема широчина во македонскиот устав. Ципрас може да се покаже пред домашната јавност како вистински бранител на грчките интереси и да добие некој аплауз повеќе, но во основа неговиот легитиметет, барем по ова прашање, ќе биде поткопан. Покажувањето сила врз еден мал сосед, војнички безначаен, економски истрошен, демократски потклекнат па исправен, не е нешто што би требало да послужи за удирање в гради. Кога некој изјавува дека е подготвен на компромис, соопштува дека е подготвен за име со географска одредница, тогаш е нелогично да продолжиш да го туркаш кон работ. Во овој момент така изгледа грчката позиција – проблемот го „надуваа“ политичарите, како што пред неколку месеци изјави Јанис Бутарис, но владата во Атина секогаш сакала балонот да пукне преку границата кај Гевгелија.

Mazedonien Griechenland Nikos Kotzias zu Besuch in Skopje
Почетниот оптимизам се намалува: Никос Коѕијас, Зоран Заев и Никола ДимитровФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Грчките предрасуди

Евентуалниот неуспех на преговорите ќе ја намали специфичната тежина на Грција во регионалната распределба на моќта и влијанието. Наместо да се претстави како пиемонт околу кого ќе гравитираат кревките западнобалкански демократии, Грција со националистичките митови од кои не може да се ослободи ги оттурнува од себе. Ципрас изгледа дека го чувствува тоа. Чувствува како се зголемува влијанието во овој регион на нејзиниот архи-непријател – Турција, но нема сила да се оттргне од своите заблуди и печатите од историјата за кои мисли дека само таа има право да ги поседува. Колапсот на преговорите ќе ја остави Атина осамена меѓу своите соседи, обвинувајќи ги сите други дека не може да се најде разбирање со нив. Српскиот претседател Александар Вучиќ последнава недела прво замина во Анкара на средба со Реџеп Таип Ердоган и оттаму директно отиде на воената парада во Москва да му го честита четвртиот мандат на Владимир Путин. Автократскиот триаголник полека се обидува да го обликува политичкиот контекст и иднина во регионот, а Атина тоа го следи молчешкум, не знаејќи каков чекор да преземе за да ја промовира демократијата и европската архитектура.

Претходни колумни од авторот: 

Моќта на спектаклот (во Македонија)

Добри вибрации

Опозициски маки

Грчкото општество е неверојатно фрагментирано, со толку многу различни интереси, но една нишка ги поврзува сите нив – предрасудите за сопствената големина и наводното историско право. Со договорот со Македонија Ципрас има можност да излезе од тие чевли кој ги направил некој друг одамна, но како што доаѓаат тешките моменти за тешките одлуки, тој го одбра сигурното прибежиште во старите одлуки, а не во лидерски концепти за иднината. Прашање е колку грчкиот премиер е свесен дека македонското општество сега е подготвено како никогаш досега да ја прифати подадената рака за компромис кој можеби ќе биде болен, но ќе биде реален, или од звучната шума во Атина не може да ги препознае знаците што доаѓаат од Скопје.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Пропаста на овие преговори ќе ја доведат во прашање и новата стратегија на ЕУ за европската иднина на регионот и геополитичката шаховска игра на НАТО за намалување на влијанието на Русија. Постојаното повторување на Алијансата дека Македонија може да добие членство откако ќе го реши името ги ослабнуваат безбедносните проекции и стратегии на воениот сојуз. Штитејќи го интересот на една членка, НАТО ризикува да ги измеша камчињата во регионалниот мозаик. Од Македонија се бара да биде инвентивна во преговорите и начинот на промената на уставот, а НАТО кон своите правила се држи како кон заповеди исклесани во камен. Ризикот за натамошно намалување на ентузијазмот за членство во НАТО на овдешниве граѓани ќе оди паралено со пофалбите, слатките зборови и условот кој Македонија не може сама да го исполни – да најде компромис со земјата која во основа не и е непријател, но не покажува разбирање.

Понатаму, самитот на ЕУ и Западен Балкан идната недела во Софија, глорифициран како историски за регионов може да падне во длабоката сенка во евентуалниот колапс на грчко-македонските преговори. Дали ЕУ е подготвена да ја остави како црна европска дупка Македонија неможејќи да најде начин да ги стави на колосек нејзините интеграции. ЕУ тогаш може да падне на главниот испит на европската солидарност кон една мала и сиромашна нација. Не знаеме каков ќе биде наративот на европските функционери спрема Македонија, доколку државава и овој пат не добие датум за преговори по сите хорори низ коишто помина. Но знаеме дека ќе има малку луѓе коишто ќе сакаат да го слушаат тоа во Македонија.

Во евентуалниот колапс на преговорите за името ќе има само еден добитник – Русија. Без многу напор таа со помош на ЕУ и НАТО и една држава која е членка на двете организации ќе го добие она што го посакува на овој простор: конфузија и големи сомневања за европскиот проект. Тоа ќе биде вистински дар за Москва – не мора ништо да вложува за да добие многу.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар