ЕУ ги заостри санкциите против Либија
10 март 2011Мустафа Зарти, според наводи на европски дипломати, е осомничен дека управува со богатство на Гадафи во Австрија. Меѓу петте финансиски институции кои најверојатно веќе од утре ќе потпаднат под санкции се и либиската Централна банка и Агенцијата за инвестиции. Првите санкции против Гадафи беа донесени на први март, кога беше замрзнат имотот на либискиот владетел, на членовите на неговото семејство и на негови блиски соработници.
Во меѓувреме, Франција објави дека ги признава либиските бунтовници. Претставник на кабинетот на францускиот претседател Никола Саркози, денеска изјави дека Франција ќе испрати амбасадор во Бенгази и ќе организира прием за пратеник на Националниот совет на либиските бунтовници. На ваквите вести од Париз, шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле реагира воздржано. На маргините на средбата на шефовите на дипломатии на ЕУ во Брисел, Вестервеле рече дека за таков чекор се‘ уште не се исполнети сите услови. „Пред да се преземат вакви политички чекори, треба да се знае прво со кого се има работа“, изјави Вестервеле.
Европскиот парламент денеска побара од шефовите на влади на ЕУ да ја признаат либиската опозиција. Во денешниот заклучок на европските пратеници во Стразбур се вели дека првиот европски дипломат Кетрин Ештон треба да врши притисок врз Советот за безбедност на ОН за воведување зона на забрането летање. Истовремено, европарламентарците од Гадафи бараат веднаш да се повлече од власт за да „се спречи натамошно крвопролевање и да се овозможи мирен политички премин“.
Борбите продолжуваат
Во Либија, инаку, денеска особено жестоки борби се водат во пристанишниот град Рас Лануф, кој се наоѓа меѓу териториите што во свои раце ги имаат бунтовниците, на исток на земјата и западните делови, кои се во рацете на Гадафи. Авионите на НАТО за набљудување нон-стоп ги надгледуваат воените акции на трупите на Гадафи. Аваксите го надгледуваат и спроведувањето на ембаргото за оружје на ОН против Либија. За ситуацијата околу Либија попладнево заседаваат министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.
Автор: ЕМФ/ ЖА/ дпа/ дапд/ ртр
Редактор: Александра Трајковска