1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не го дели Западниот Балкан

16 јули 2009

Визната либерализација е согласно постигнатите резултати и ЕУ не го дели Западниот Балкан со тоа што даде ослободување само за три држави - изјави за ДВ Гинтер Глозер, државен секретар од германското МНР.

https://p.dw.com/p/IqyJ
Гинтер ГлозерФотографија: picture-alliance/ dpa

„Во минатото целосно го поддржувавме процесот за либерализација на визниот режим за земјите од Западен Балкан. Во оваа смисла добра е веста дека токму за трите земји e возможно укинувањето на визите. Секако знаеме дека во случајот на Црна Гора, но и на Србија треба да се завршат некои обврски. Но, сигурен сум дека благовремено ќе биде направено се‘ што е потребно до стапување во сила на визната либерализација. - изјави за „Дојче веле“ Гинтер Глозер, државен секретар во германското МНР, коментирајќи ја одлуката на Брисел. Според него, ова не е технички процес и за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора ќе значи можност да се види и доживее одблизу ЕУ, да се пренесат европските искуства дома. „И затоа овој чекор е мошне значаен, иако има уште многу процеси кои треба да се пребродат”, кажува Глозер.

Обврските мора да се исполнат

За натамошниот тек на процесот на визната либерализација Глозер вели дека не е ново што и Германија инсистира целосно да се исполнат зацртаните услови, па потоа да следи либерализацијата.

Europaparlament-Strasburg.jpg
Фотографија: AP

„Сега е важно, она што беше утврдено како недостаток од Комисијата, да се поправи, по што би можело да се спроведе визното ослободување”, дополнува државниот секретар Гинтер Глозер, кој ги коментира и критиките дека ЕУ го дели Балканот со оглед што не дозволи либерализација за граѓаните на Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

„Не гледам никаква поделба. Ако се погледне политиката на ЕУ за доближувањето на земјите од регионот, ќе се види дека секоја земја беше вреднувана според индивидуалниот напредок. Во различни случаи го поддржувавме постигнатото за да може процесот побрзо да се одвива. Но, во суштина, секоја земја самата си го создаваше темпото и затоа не може да и‘ се префрла на Европската унија дека прави поделби. Земјите треба да си ги исполнат предусловите, по што ќе следи ветената визна либерализација”.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска