1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: преговорите пропаднаа

16 ноември 2010

Европската унија се‘ уште нема регуларен буџет, на еденипол месец пред почетокот на годината. На средбата на претставниците на Европскиот парламент и Советот на министри не беше постигната спогодба.

https://p.dw.com/p/QALk
Европската унија се‘ уште нема регуларен буџетФотографија: picture-alliance/dpa

До денеска рано утрото (16.11.2010) политичките противници дискутираа за буџетот на ЕУ. Веднаш по полноќ Белгиецот Мелхиор Ватле филозофски прокоментира:

„Лесно е да не бидеме согласни, но не е едноставно да се најде компромис.“

Комесарот за буџетот Јануш Левандовски изјави дека Европската комисија длабоко жали поради фијаското, оти еденипол месец пред почетокот на годината Европската унија се‘ уште нема регуларен буџет, и покрај тоа што постоеше согласност за сумата.

Спроведување на Лисабонскиот договор

Jerzy Buzek Polonicus
Претседателот на Европскиот парламент Јежи БузекФотографија: DW

Наредната година ЕУ смее да потроши 126,5 милијарди евра, што е пораст од 2,9 проценти во однос на годинава. Европскиот парламент прво бараше повеќе, но му излезе во пресрет на Советот, односно на претставниците на владите на земјите-членки. Расправија се водеше за идната распределба на власта во ЕУ, како и за правото на соодлучување на Парламентот за буџетот. Пратениците бараа ова право да се утврди во обврзувачки договор, што всушност би било само практична реализација на она што веќе стои во Лисабонскиот договор.

Бараме спроведување на договорот, на неговата содржина и неговите цели, рече претседателот на Парламентот Јержи Бузек. Барањето е оправдано, смета и комесарот за буџет Левандовски:

„Според Лисабонскиот договор институциите треба да соработуваат, а не меѓусебно да се блокираат.“

Иднината не е розова

Belgien EU Parlament Anhörung Janusz Lewandowski
Комесарот за буџетот Јануш ЛевандовскиФотографија: AP

Повеќето земји-членки биле подготвени на спогодба, извести комесарот. Само неколку влади биле стриктно против барањата на Парламентот, особено за плановите ЕУ во иднина да не зависи само од давачките од земјите-членки, туку на долгорочен план и таа да воведе даноци. Во доверба дипломатите кажуваат дека особено Велика Британија и новата влада на Холандија се противеле на ова барање.

„Од јануари мора да се најде преодно финансирање на рати за тековните работи. Иднината не е розова“, вели комесарот Левандовски.

Тоа секако ќе влијае врз повеќе значајни програми, на новата дипломатска служба, новиот финансиски надзор, поддршката за европските земјоделци, можеби и на регионалната помош.

„Почетокот на 2011 година нема да биде лесен период за корисниците на европскиот буџет“, додава Левандовски.

Во меѓувреме мора да се изработи нов предлог-буџет, за кој потоа наново треба да расправаат Парламентот и земјите-членки.

Автор: Андреас Ројтер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска