ЕЦБ ги отвора трезорите за спас од кризата
7 октомври 2011Жан Клод Трише одлучи да преземе подрастични мерки за излез од кризата во Европа, на самиот крај на неговиот мандат на чело на Европската централна банка. Вчера во Берлин, Трише го претстави планот со кој ќе им се понудат неограничени едногодишни заеми на европските банки, и ќе се откупат обврзници во вредност од околу 40 милијарди евра. Сепак Трише одби да прифати дополнително намалување на каматните стапки на европско ниво под сегашното ниво од 1,5 проценти.
„Состојбата во банкарскиот сектор бара особено внимание, земајќи ја в предвид поврзаноста меѓу ризикот кој го носат одредени држави и потребите на банките за средства. Како и претходно, ги повикуваме банките да сторат се за да ги балансираат нивните сметки, да ги инвестираат добивките и да обезбедат рамнотежа во надоместоците“, изјави Трише.
Помошта за банките е добра инвестиција
Во последниот период се засилија стравувањата за можен колапс на банкарскиот систем во еврозоната и неговата изложеност на државни долгови. Меѓубанкарските позајмици, инаку клучни за дневното функционирање на банките, речиси пресушија поради стравувањата дека банките - должници нема да можат да ги вратат кредитите.
„Мислам дека кога на банките им треба поддршка, тогаш тоа треба и да им се овозможи, и тоа се добро инвестирани пари. Во спротивно, доколку не ги убедиме банките да се рекапитализираат или ако не ги помогнеме во буџетски пари, штетите ќе бидат далеку поголеми“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа вчера во Берлин беше домаќин на светскиот економски врв. Покрај Трише, на состаноците присуствуваше и шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Од средбата беше испратено уверување дека меѓународните фондови се подготвени и во можност да ја спасат загрозената европска економија. Лидерите гарантираат дека ресурсите кои се во моментов на располагање се повеќе од доволни за да се заштити Европа.
„Со нашата можност да ангажираме околу 400 милијарди долари, мислам дека имаме сосема доволно ресурси“, изјави Лагард. Меркел, во сличен тон, на заедничката прес-конференција, уверуваше дека во иста кондиција е и заедничкиот Европски финансиски чадор.
Најзагрижен за еврокризата Вашингтон
Првичните реакции на финансиските пазари на одлуките од Берлин се покажаа позитивни. Вредноста на еврото се стабилизираше, а паралелно растат европските акции на повеќе светски берзи.
Стравот сепак останува дека Европа ќе мора да стори многу повеќе за да се извлече од најголемата финансиска криза по Втората светска војна, како што оцени самиот Трише.
Во моментов најзагрижена е американската администрација, која и самата се уште ги чувствува последиците од колапсот во 2008 година. Претседателот Барак Обама покажа малку доверба кон мерките кои се преземаат на оваа страна од Атлантикот, додека министерот за финансии Тимоти Гајтнер оцени дека проблемите во Европа се голем проблем за глобалното опоравување.
Автор: Борис Георгиевски/ дпа/макфакс
Редактор: Симе Недевски