1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ сака да игра на сигурно – и не прави ништо

НД/ дв
10 март 2017

Европската централна банка води стабилна монетарна политика. Нема да има брзи промени, иако нервозата се зголемува во пресрет на ризичните избори во Холандија и Франција.

https://p.dw.com/p/2YxGI
Symbolbild Inflation in Euro-Raum
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

На состанокот во Франкфурт, гувернерите на ЕЦБ решија да не одговорат на сѐ погласните повици за затегнување на монетарната политика. Централната банка ги задржа ниските каматни стапки и не ја промени програмата за откупување на државни обврзници и покрај извесното зголемување на инфлацијата. Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги изјави дека зголемувањето на цените во 2017 година би требало да изнесува 1,7% и 1,6% во 2018 година, ревидирајќи ја претходната прогноза на централната банка од 1,3 и 1,5 отсто, соодветно. За 2019 година, предвидувањето за нивото на инфлација на ЕЦБ остана непроменето на 1,6 отсто.

Марио Драги и покрај новите, повисоки прогнози, изјави дека ЕЦБ не би ги зголемила каматните стапки или значително би ја намалила програмата за купување на државни обврзници. Вака „лабаво“ дизајнираната монетарна политика има за цел да го подигне растот и инфлацијата во Еврозоната, што треба да доведе до зголемување на цените до таргетот на централната банка - „близу, но под 2,0 отсто“.

Во февруари, стапката на инфлацијата изнесуваше 2 отсто, но Драги повтори дека Управниот совет на ЕЦБ планира да ги „разгледа“ краткорочните зголемувања кои се должат на волатилноста на цените на храната и енергијата. Тој предупреди дека иако „ризиците од дефлација главно се исчезнати ", сè уште не е спремен да „прогласи победа на фронтот на инфлацијата".

„Растот на платите е моторот на самоодржливиот раст на инфлацијата... тоа е клучната варијабла", изјави Драги. „Тоа не е единствената поента, но е значаен елемент на нашата проценка", додаде подоцна.

Иако економскиот раст и цените на потрошувачката се зголемуваат, ЕЦБ е свесна и претпазлива за растечкиот број на политички ризици и сè уште чувствителното опоравување на Еврозоната речиси една декада откако започнаа неволјите на економскиот блок.

Сите не се согласуваат

Минхенскиот Институт за економски истражувања Ифо инсистира дека веќе подолго време има потреба од промена на политиката.

Според сопствени пресметки, тинк-тенкот во 2017 година очекува стапка на инфлација под 2 отсто во Германија и во целата Еврозоната, што значи дека ќе се постигне „она што лекарот (н.з. ЕЦБ) го препорача“, односно годишна стапка на инфлација малку под 2 отсто.

Deutschland EZB PK in Frankfurt Mario Draghi
Марио Драги и покрај новите, повисоки прогнози, изјави дека ЕЦБ не би ги зголемила каматните стапкиФотографија: picture-alliance/Zumapress/L. Huanhuan

„Ова е индикација дека е време Европската централна банка да започне да ја сопира експанзивната монетарна политика во Европа“, изјави претседателот на Ифо, Клеменс Фуст.

Тој сугерира дека сега ЕЦБ треба „да ја повлече ногата од педалата за гас и да почне да го намалува откупот на обврзници за 10 милијарди евра месечно од април“.

Во моментов, ЕЦБ секој месец впумпува 60 милијарди евра во купување на обврзници со цел да ја зголеми инфлацијата кон прагот од два отсто.

Бројките на Евростат, објавени минатата недела, покажуваат дека цените на потрошувачката во Еврозоната, во месец февруари се зголемени за 2%. Ова е првпат по 2013 година месечната стапка на инфлација да го надмине таргетот на ЕЦБ.

Два вида на инфлација

Гувернерите на ЕЦБ тврдат дека нема многу смисла да се реагира на индивидуални и „краткотрајни зголемувања на инфлацијата“. Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги на европските законодавци им препорача дека месечните зголемувања во февруари автоматски не значи дека истите ќе задржат до крајот од годината. „Се уште е потребна поддршката од мерките на монетарната политика “ објасни тој.

ЕЦБ генерално беше исклучително внимателна да не ја прекине месечната стимулирачка програма премногу брзо поради стравот дека наглото сопирање ќе има негативни ефекти врз сè уште кршливото економско опоравување во Еврозоната.

Клеменс Фуст од Ифо смета дека ЕЦБ нема доволно аргументи дека инфлацијата во Еврозоната е сè уште прилично слаба, доколку од равенката се исклучат волатилните елементи како цените на енергијата и храната. Сепак, моменталните зголемувања на цените на потрошувачка се овозможени токму од овие два фактори кои ги тераат потршувачите да плааќаат повеќе на бензинските пумпи и во маркетите.

Но, Фуст цитирајќи анкета на Ифо открива дека „голем број на фирми планираат да ги зголемат цените во престојните месеци“, што ќе предизвика зголемување на инфлацијата за најмалку 1,5 проценти во Германија и во целиот блок. Сепак, вели тој, ЕЦБ нема време за губење за „да го сопре приливот на пари во економијата или да ризикува да го надмине планираното ниво на инфлација“.