1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Животниот век на луѓето се зголемува, но не и во Македонија

Хана Пиц
22 февруари 2017

Научници од Лондон пресметале дека очекуваниот животен век на луѓето во развиените земји продолжува да расте. На некои места наскоро може да биде повеќе од 90 години. Притоа, разликата помеѓу мажите и жените се намалува.

https://p.dw.com/p/2Y1ku
Symbolbild Rente/Renteneintrittsalter in der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Луѓето живеат сѐ подолго, иако дел од истражувачите се сомневаа дека животниот век на луѓето ќе надмине 90 години. Сепак, научниците од Империјал колеџ во Лондон го потврдија токму тоа.

Истражувачката група на универзитетот анализираше податоци од 35 индустриски земји, а резултатите ги објави во професионалното списание Лансет. Студијата покажува дека разликата помеѓу мажите и жените во однос на очекуваниот животен век се очекува да се намали до 2030 година. Ова е пресметано со помош на статистички модел, користејќи податоци за раѓањата и умирањата од Светската здравствена организација (СЗО). Според тоа, веројатноста дека очекуваниот животен век за мажите во овие земји ќе се зголемува изнесува 85 проценти, додека за жените 65%.

Највисоки нивоа во Јужна Кореја, најниски во Македонија и Србија

Но, сепак постојат регионални разлики. Кога станува збор за животниот век над 90 години, жените во Јужна Кореја имаат за 57% поголема шанса да ја доживеат таа возраст. Василис Контис од истражувачката група на Империјал колеџ за ДВ изјави дека ова се должи на подобрувањето на заштитата и лекувањето кај хроничните болести. Тој објасни дека споредено со земјите во другите земји, кај Јужнокорејците во просек има помалку луѓе со прекумерена тежина и има помалку пушачи. Контис вели дека очекуваниот животен век во Јужна Кореја најверојатно ќе продолжи да расте поради подобрената економска ситуација во земјата.

Истражувањето предвидува дека во 2030 година мажите и жените во Македонија и Србија ќе имаат најнизок очекуван животен век.

Infografik Lebenserwartung von Menschen zum Zeitpunkt der Geburt ENG
Очекуван животен век на луѓето во светот - извор: СЗО 2016

Според студијата, жените од Франција, Шпанија и Јапонија живеат речиси исто толку долго како и Јужнокорејките. Во Германија, исто така, луѓето живеат сѐ подолго: моменталниот очекуван животен век кај мажите изнесува 78 години, но според студијата, тој ќе се искачи на 82 години до 2030 година, а тогаш животниот век кај жените ќе изнесува речиси 86 години - три години подолго од сегашниот.

Сличен животен век кај мажите и жените

Овие бројки исто така покажуваат дека разликата во очекуваниот животен век помеѓу мажите и жените се намалува. Студијата сугерира дека фактот што жените во овие земји живеат подолго од мажите делумно се должи на тоа што е поверојатно мажите да страдаат од фатални повреди и поверојатно е да се пушачи - што го зголемува ризикот од појавување на кардиоваскуларни болести и рак на белите дробови. „Нашите прогнози за подолг животен век се доказ за успесите во здравството“, изјави лидерот на истражувачката група, професорот Мајид Ецати.

Што кажуваат податоците?

Податоците и статистиката за очекуваниот животен век на луѓето кои редовно се објавуваат се хипотетични. Очекуваниот животен век е просечната должина на време кое организмот го поминува од раѓањето до смртта. Овој период се дефинира со користење на табела на морталитет, базирана на опсервираните фрекфенции на умирања во минатото и модел на претпоставки за идниот развој.

Infografik Lebenserwartung Männer Frauen ENG
Очекуван животен век на мажите и жените во светот (мажи - сино, жени - портокалово)

Ова значи дека пресметаните вредности – како очекуван животен век повеќе од 90 години – се теоретски. Тие се прогнози, а не фиксирани вредности. Секоја прогноза е базирана на условите во времето на нејзиното пресметување, т.е. моменталната состојба во медицината, истражувањето, безбедноста и факторите од околината. Поради тоа, ваквите прогнози често не се поврзани со тоа колку долго навистина живеат луѓето. Всушност, просечниот очекуван животен век е само тоа – просек. Доколку е поставен на 90 години, можно е никој да не ја достигне таа возраст, а повеќето да умрат пред или по таа возраст. Она што е сигурно е дека просечниот очекуван животен век општо се зголемува. Според Сојузниот уред за статистика на Германија, луѓето денес живеат речиси двојно подолго за разлика од пред 100 години.

Што е стареењето?

Брзината со која старееме е поврзана со голем број различни фактори. Научниците претпоставуваат дека голема улога играат особено подобрената медицинска нега, пристапот до чиста вода, подобрата исхрана и намалувањето на случаите на фатални болести. А за оние кои се поштедени од војна, природните катастрофи, епидемиите и други фактори, како стрес, сиромаштија, здрав животен стил и вежбање, се решавачки.

Во некои земји, должината на животот всушност опаѓа. Очекуваниот животен век не се зголемува во Сирија, каде што статистички гледано, се намалил за 20 години од почетокот на војната.

Досега, биолошките причини за стареењето не биле целосно истражени, иако научниците истражувале многу различни можности. Гените и надворешното влијание одредуваат дали одредена личност доживува старост, исто како и процесот на стареење на клетките во телото, кој е различен кај различни луѓе.