1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранет влез за Дедо Мраз

Емир Нумановиќ11 декември 2008

Дедо Мраз нема пристап во градинките во Виена. Градската управа пред две години донесе одлука да им го забрани влезот на костимираните мажи во градинките. Причина е децата да се заштитат од педофили.

https://p.dw.com/p/GDFN
Дедо МразФотографија: AP

Во градинките всушност и нема забрана за Дедо Мраз, туку само не им се дозволува влез на костимирани мажи, објаснува Хермина Бруновски, негувателка во една градинка во Виена. „Не можеме да дозволиме на децата туку така да им приоѓаат непознати мажи. Мислам дека со тоа се согласуваат и родителите на децата“, вели Хермина. Така улогата на Дедо Мраз во оваа градинка ја преземаат децата. Годинава тоа е шестгодишниот Андреас. Градската управа на овој начин сака да ги заштити децата од педофили. Дедо Мраз во Австрија може да биде секој, а пред кандидатот да го облече црвено-белиот костим, никој не го проверува неговото образование или потекло, па така е невозможно да се констатира дали има евентуална сексуална настраност, објаснуваат од градот.

Причината само педагошка?

Иако мерката звучи како исклучиво педагошка, политичкиот аналитичар Клаус Коглер смета дека градското собрание од други причини ја вовело забраната за Дедо Мраз во градинките. „Официјалната причина е заштита на децата од педофили, но за време на дискусијата во градското собрание исто така можеше да се слушне дека сите деца во градинките мора да се чуствуваат исто и дека никому ништо не смее да му се наметнува“, вели Коглер. Тој дополнува дека во врска со ова, важно е да се нагласи дека социјалдемократите мнозинството во градското собрание го држат со поддршка на гласовите од доселениците, кои се од различни нации и вероисповест. Дедо Мраз во Австрија се вика Николо и тој подароците ги носи на 6. декември, кога католиците го слават празникот Свети Никола. На бискупската капа на овој светец е нацртан голем златен крст.

Kindergarten in Deutschland
Државата сака да ги заштити децата од педофилиФотографија: AP

Црквата протестира

Токму оваа христијанска традиција сакаат да ја заштитат австриските демохристијани, кои и годинава со поддршка од католичката црква организираа протести против забраната за Дедо Мраз во градинките. „До вчера дебатиравме дали да има крст во училниците, сега зборуваме дали Дедо Мраз смее да влезе во градинките, а утре можеби ќе расправаме за Божикот. Сметаме дека оваа традиција е важна, таа е дел од идентитетот и ги потстетува децата на нивното потекло“, вели една од учесничките на неодамнешниот протест. Во градското собрание немаат намера да ја сменат одлуката. Никој немаше за цел да прекине некаква традиција, велат виенските социјалдемократи. Австрија е демократско и секуларно општество, што значи дека државните и верските институции се раздвоени, гласат нивните аргументи.