1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрижувачки пораки од Париз

Тони Гламчевски2 јули 2008

На првиот ден од преземањето на француското претседатеслтво со Европската унија од Елисејската палата дојдоа загрижувачки пораки за Македонија во однос на нејзините европски интеграции и проблемот со името.

https://p.dw.com/p/EUrV
Претседавачот со Унијата, францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: AP Graphics/DW

Од неименуван извор, на брифинг со новинарите акредитирани во Брисел, вчера во Елисејската палата било речено дека „не може да се критикува Париз што избрал да поддржи една демократска наспроти една недемократска земја, којашто без исклучок се нарекува БЈРМ.“

Изборите го нарушиле имиџот на државата

За Париз „Македонија не е демократска држава“, причина за таквата квалификација се последните избори во земјата кои, како што било речено во Елисејската палата „поминале со невидена бруталност и го нарушиле имиџот на државата.“ Ова лично го изјави и претседателот Никола Саркози при посетата на Атина на 6 јуни.

„Грција е демократија. Ние ги поддржуваме демократиите. Во една демократија, изборите треба да се одвиваат на демократски начин. Грција посакува да се постигне решение за името преку дијалог. Потребно е да се остави мисијата на Обединетите нации и господинот Метју Нимиц да ја водат таа мисија. Но ми изгледа дека ако Скопје, што е и наша желба, сака да му се приклучи на НАТО, и стане член на Европската унија, тогаш треба да направи минимум на напори. Напори како на демократски план, така и напори на планот на модернизацијата и напори во дијалогот за прашањето за името и неговата промена. Јас повторив дека француската дипломатија е солидарна со грчката демократија по ова прашање, како и по други прашања.“

Критиките од Македонија предизвикаа објаснување од Париз

Објаснувањето што го дава сега Париз, зошто избрал толку категорично да застане на страната на Грција, доаѓа по лавините критики во Македонија на сметка на претседателот Саркози. Правдањето дека тоа е поради недемократскиот тек на изборите е чудно, бидејќи Саркози ја избра страната на Грција пред изборите во Македонија и пред самитот на НАТО во Букурешт.

Денес, француското претседателство ги охрабрува Македонија и Грција да го решат спорот околу името на државата, но вели дека не може да се очекува новодојдена земја, која не е членка, да ги диктира условите за прием во Унијата, па затоа напорот треба да биде посилен од нејзина страна.

Во Париз притоа се вели дека Франција како Претседавач на Советот на ЕУ, ќе биде на страната на Македонија и ќе ја поддржува на патот кон нејзина успешна интеграција во Унијата. Саркози исто така смета дека е во интерес на Унијата Балканот да биде дел од неа. Сепак, како што најави, пред да се продолжи со проширувањето, на Унијата и се потребни реформи на институциите.