1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го обвини Иванов за државен удар

БГ
1 март 2017

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го обвини шефот на државата Иванов дека со одлуката да не му го додели мандатот извршил државен удар. Заев ги повика граѓаните да останат мирни и очекува решение за кризата

https://p.dw.com/p/2YUVp
Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Со одлуката да не го додели мандатот со што е обврзан според Уставот, Иванов изврши државен удар“, изјави вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Иванов ја внесува Македонија во длабока криза со несогледливи последици за граѓаните и за државата. Тој прави уставно-државна криза со што ја негира изборната волја на граѓаните и спречува легален и легитимен трансфер на власта“, рече Заев. Тој го обвини Иванов дека уште еднаш се ставил во улога на заштитник и соучесник на Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ги повика граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации, независно од нивната национална и верска припадност. „Да останеме смирени, на линија на демократските процеси кои водат кон формирање на нова реформска влада, која ќе се фокусира на владеење на правото“, порача Заев.

Тој го повикува Иванов да ја повлече одлуката и веднаш да го додели мандатот за формирање на владата, порачувајќи му дека не смее да ја негира мнозинската волја на граѓаните која е преточена во 67 мандати на пратеници.

Заев смета дека зад сценариото на Иванов стои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Груевски тоне, но нема да дозволиме да ја потоне и Македонија“, рече Заев.

Тој не откри кои ќе бидат можните идни чекори на СДСМ по одлуката на Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска соопшти дека нема да му го даде мандатот за формирање влада на Заев и покрај поддршката од 67 пратеници која тој му ја достави пред два дена. Иванов наведе „два проблеми“ - пробивањето на роковите согласно член 90 од Уставот и платформата на албанските политички партии.