1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас: Сега или сепак малку подоцна?!

17 мај 2018

Средбата на македонскиот и грчкиот премиер во Софија се очекува со големо нетрпение. Еврокомесарот Хан за Дојче веле изјави дека е многу сигурен во успех на разговорите.

https://p.dw.com/p/2xrEp
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Големи надежи, но не и преголеми очекувања, од денешната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. По кусата вчерашна средба на состанокот на европската левица, денеска во 9:30 часот двајцата премиери ќе имаат и тет-а-тет состанок на кој треба да утврдат до каде е стигнато во преговорите околу спорот за името.

Заев вчера и самиот најави дека очекува „потврда на она што е досега постигнато". Двете земји се сепак оддалечени од конечно решение, а за тоа да се случи ќе биде потребен договор за клучните и најтешки прашања.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера енигматично ги дефинираше своите очекувања.

„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни." 

Повеќе: Димитров од Софија: Можно е чудо во спорот за името

Поголем е оптимизмот кај водечките европски дипломати. Комесарот за проширување Јоханес Хан за ДВ вели дека е направен „значителен напредок во преговорите“ и оти е многу сигурен дека решение е можно. Простор за такво нешто сепак има до почетокот на јуни. Во случај на позитивен исход, Европскиот совет ќе даде зелено светло за одредување датум за почеток на преговори со земјата. Хан одбива да говори за алтернативи, или можен план „Б“ доколку компромис сепак не се постигне.

EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn
Еврокомесарот Јоханес Хан е оптимистФотографија: DW/A. Feilcke

Тврди дека ЕУ не е директно вклучена во разговорите, но е многу заинтересирана за нивниот тек и е подготвена да помогне со експертиза за правни прашања и текстови. Дополнително, Хан вели дека е во редовен контакт и со медијаторот Метју Нимиц.

„Решението мора слободно да го постигнат двете држави", вели Хан.

Повеќе: Бугарија гледа „можност“ за завршување на спорот за името

Кон хорот со поддршка кон двете земји се приклучија и бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.

„Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот за името", рече Борисов, дополнувајќи дека таа надеж не значи и мешање во внатрешните работи на двете земји.