1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зборот на Маџиров обединува уметности

Александра Трајковска 14 јуни 2012

По Берлин и Бремен, стиховите на Никола Маџиров ги слушна и келнската публика, прочитани на македонски јазик и на превод на германски јазик, придружувани од звуците на Зоран Маџиров и фотографиите на двајца млади автори.

https://p.dw.com/p/15EMC
Фотографија: DW

Поезијата на светски признатиот македонски поет Никола Маџиров беше иницијална за реализирање на културниот перформанс во Келн, во кој стиховите на Маџиров беа преточени во фотографии и придружени од музичка изведба. Овој спој на вербалното со звучното и визуелното, не е непознат за македонскиот лиричар, тоа е спој кој е составен дел од нашето секојдневие, подвлекува Маџиров:

„Секогаш сметам дека постои една интеракција, еден дијалог помеѓу сите уметности, како што постои врска и интеракција помеѓу сите наши сетила“. Најбитно за ваквиот спој на уметностите е искреноста, вели поетот: „Искреноста и во перцепцијата на светот, искреноста и во начинот на иразување, начинот на кој сликите се вербализираат, во кој звуците се вербализираат и тој обратен процес кога при читањето на фестивалите, кога се случува од текст песната да стане музика, посебно за луѓето, кои не го разбираат јазикот. Тоа е таа повеќенсоченост во пишувањето и презентација на сето она што може да се нарече книжевност“.

Nikola Madzirov in Kunstdruckbar Köln Lyriker
Никола Маџиров во галеријата „Кунстдрукбар“ во КелнФотографија: DW

Стихови преточени во фотографија

Интеракцијата ја почувствуваа и двајцата фотографи од Македонија и од Германија, Ирена Мила и Роберт Винтер. Секој од нив ја доби поезијата на Маџиров на својот мајчин јазик, и стиховите требаше да ги преточи во едно свое визуелно доживување. „Пробав да ја сфатам суштината, пораката која што сакаше Никола да ја каже“, подвлекува Мила и дополнува дека дел од поезијата ја доживеала како копнеж по домот. Копнеж кој го почувствувала и самата, а носталгијата кон Македонија, ја преточи во фотографија, која може да се види на изложбата во Келн.

Irena Mila Robert Winter Fotograf Kunstdruckbar Köln
Фотографите Ирена Мила и Роберт Винтер во галеријата „Кунстдрукбар“ во КелнФотографија: DW

„Посебно е чувството да се добијат песни од некој кој не ти е познат. За мене беше ново искуство да изработам фотографии врз основа на поезија со која немам никаква емоционална поврзаност“, се надоврзува Роберт Винтер. Иако при преводот се губи многу од литературното дело, и двајцата фотографи ги делеа 2.000 километри, подвлекува младиот германски фотограф, јазикот на Маџиров на моменти разбуди речиси идентични асоцијации кај него и неговата македонска партнерка, но го пробуди и индивидуалниот израз во нив.

Македонската поетска реч пред келнската публика

Индивидуалниот момент особено дојде до израз при поетското читање во клубот „Блу шел“ во Келн, кое беше придружувано од музиката на Зоран Маџиров. Авторот, Никола Маџиров ги читаше своите стихови на македонски јазик, додека германскиот актер Николаус Бенда поетската порака ја пренесе на германски јазик.

Blue Shell Nikola Madzirov Nicolaus Benda Köln Lesung
Никола Маџиров и Николаус Бенда во КелнФотографија: DW

За својот поетски израз, Маџиров забележува: „Јазикот што го користам е едноставен, тоа е јазикот на секојдневието, затоа што книжевноста ја сметам како одговор на мигот, одговор на она што се случува околу нас во овој момент или она што се случило претходно и се населило кај нас во сеќавање“, вели Маџиров и дополнува-„секој ден е специфичен и има своја лична и политичка димензија, која наоѓа свој одек“, смета Маџиров, но таа не треба да биде во преден план.

Madzirov online - MP3-Mono

Спојот на поезијата на Никола Маџиров со музиката и фотографијата се реализира на иницијатива на Ивана Васева, стипендист на фондацијата Роберт Бош во Келн, која во рамките на својот едногодишен престој, дел од програмата менаџер на културата од Централна и Источна Европа, ја претстави Македонија преку овој културен проект. Финансиска поддршка проектот доби од фондацијата Роберт Бош и градот Келн, а негови партнери се галеријата „Кунстдрукбар“ и клубот „Блу шел“ во Келн. Културното претставување на Македонија во Келн го поддржа и винаријата „Тиквеш“, која за изложбата испрати вина од Македонија.