1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идниот еврокомесар за проширување воздржан за Македонија

12 јануари 2010

Штефан Филе, најверојатниот заменик на Оли Рен, на сослушувањето во Европскиот парламент зборуваше за неговите амбиции, гледања и цели за проширувањето на ЕУ, со кои треба да се занимава во наредните пет години.

https://p.dw.com/p/LSmz
Штефан Филе треба да го замени Оли РенФотографија: picture alliance / dpa

Штефан Филе зборуваше за Западниот Балкан. Тој стави на знаење дека има намера во текот на неговиот мандат да внесе во ЕУ што повеќе држави од регионот, доколку тие ги исполнат обврските. Филе сака да се фокусира и на промовирањето на проширувањето на Унијата кај пошироката јавност. За него е многу важно европските граѓани да разберат дека приемот на нови земји членки не ги засега само политичарите

„Со усвојувањето на Лисабонскиот договор имаме одлична прилика да го направиме процесот на проширување пополитички. Сакам да ги вклучам и очекувам од политичарите ширум Европа да се ангажираат во овој процес. Сакам да ги мобилизирам сите алатки од страна на ЕК за да им ги објасниме на европските граѓани придобивките од проширувањето, бидејки една работа е јасна – ако не ги убедиме нашите граѓани дека тоа што го правиме е добро не само за Европа и за политичарите, туку и за нив, тогаш ова ќе биде пораз.“

Stefan Füle Flash-Galerie
Да го направиме процесот на проширување пополитички, рече Филе во Европскиот парламентФотографија: picture-alliance/ dpa

За Македонија повторено веќе познатото

Филе доби прашање и за Македонија кон кое се покажа прилично воздржан. Јасно е дека Комисијата сака да започне преговори со земјата, но проблемот со името мора да се реши, истакна Филе:

„За ФИРОМ, знаете дека најтешките дискусии се одвиваат под покровителство на ОН. ЕУ целосно ги поддржува ОН и господинот Нимиц и се надевам дека двете страни ќе ја искористат приликата. Знаете дека ЕК предложи да се започнат преговорите со Поранешната Југословенска Република Македонија и се надевам дека тоа наскоро ќе се случи.“

Европратениците се задоволни

Штефан Филе кој доаѓа од Чешка е одлично запознат со процесот на реформи на земјите кандидати и свесен за значењето на полноправното членство во ЕУ за поранешните комунистички држави, рече тој.

Европските пратеници се покажаа задоволни од неговиот настап, како и од неговото богато работно искуство.

Филе доаѓа на местото на Оли Рен, но освен за проширувањето како што беше до сега, новиот комесар ќе биде одговорен и за соседската политика на ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска