1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името услов или не?

Тони Гламчевски24 април 2008

Иако името не треба да биде пречка за пристап на Македонија во меѓународните организации, сепак европратениците признаваат дека тоа е услов, но кој го поставува Грција, а не Европската комисија и Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/Dnzx
ЕУ парламентот во СтразбурФотографија: AP

Според европратениците „името повеќе не претставува пречка за членството на Македонија во меѓународните организации, како што тоа е предвидено со времениот договор од 1995 година, кој се уште е на сила“.

Вака е формулиран официјалниот став на најрепрезентативната институција на Европската унија, но од друга страна истите тие коишто гласаа за резолуцијата нагласуваат, отворено и без заобиколување дека ако не се најде решение за името, Грција сигурно дека ќе стави вето за Македонија и во Европската унија.

„Европските институции нема да наметнат нови услови, но потребно е да се земе во предвид дека во Советот на Европската унија е потребна едногласна одлука. Тоа значи дека ниту Комисијата, ниту Европскиот парламент нема да наметнат нови услови.“ – ни вели Мартин Шулц претседателот на парламентарната група на европските социјалисти во Европскиот парламент.

„Но сепак не треба да се исклучи дека ако нема компромис кој и одговара на Грција, ситуацијата ќе остане блокирана.“ – констатира Мартин Шулц.

Потребно е да се најде решение

Жосеп Дол, претседателот на парламентарна група на народните партии инсистира на потребата да се најде што е можно побрзо решение за името.

„За името е потребно да се најде договор, меѓу двете земји. Не може да се продолжи без договор. Сега е потребно да најдеме решение за фамозното прашање за името и тоа колку што е можно побрзо.“

Graham Watson Präsident der eldr-Gruppe im EP
Греам ВотсонФотографија: presse

Неговиот колега Греам Вoтсон од групата на европските либерали и демократи го застапува ставот дека земјите кандидати за членство во Унијата, треба да ги решат своите проблеми пред да станат членки на Унијата „Мислам дека при приемот во ЕУ, треба да се решат постоечките проблеми меѓу земјата која сака да стане членка и земјите членки.“

„Се надевам дека Грција нема многу да инсистира на името, но се надевам исто така дека ќе се најде прифатливо решение за сите. Односно, жителите на Македонија да бидат задоволни и Грците да можат да живеат со тоа. Ако се успее да се попстигне тоа, тоа ќе биде пример за успешноста на ЕУ.“ – завршува Ватсон.

Потребен е консенсуз за името од двете страни

Doris Pack
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Дорис Пак задолжена за земјите од Југоисточна Европа во ЕП, смета дека е постигнат напредок во преговорите меѓу двете земји. „Потребно е да се направат нови чекори, во спротивно ќе се најдеме во ќорсокак. Инаку незнам како ќе продолжиме понатаму. Ја разбирам Грција, но ја разбирам и Македонија се надевам дека ќе најдат решение.“ За да се најде тоа решение Пак смета дека е потребен широк концензус во двете земји.

„Сите политички сили во Македонија и исто така во Грција, треба да седнат заедно на маса и да побараат од нивните влади да направат чекор нанапред, за да не се бараат виновници, во спротивно никогаш нема да најдат решение.“

Кон Бендит: „Македонија постои исто како што постои Грција“

Значи, името не е официјално нов услов за зачленувањето на Македонија во ЕУ, но тоа може во секој момент да биде ставено во прашање од Грција.

Ситуација која не им се допаѓа на групата на Европската партија на Зелените и на Европската слободна алијанса кои се спротиставија на ваквата општа хипокризија на Европскиот парламент, гласајќи против резолуцијата. Бидејќи „позицијата на Грција не е чесна, таа јасно го крши договорот според кој името не треба да биде пречка за Македонија да стане членка на меѓународните организации.“ Но факт е дека „Грција го блокира приемот на Македонија во НАТО со сите можни последици за Балканот.“

„Сето ова е смешно, треба да се прекине. Постои и ја има Македонија, исто како што постои и ја има Грција, и точка. Си создаваме проблеми таму каде што нема.“ – ни вели Даниел Кон Бендит, копретседателот на групата на Зелените во Европскиот парламент.