1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрага против шефот на Дојче Телеком поради поткуп во Македонија

15 септември 2010

Обвинителството во Бон поведе истрага против шефот на Дојче Телеком Рене Оберман поради сомневање за поткуп во Македонија и Црна Гора. Оберман демантира. Концернот соопштува дека не толерира корупција во кој било дел.

https://p.dw.com/p/PCZ0
Рене ОберманФотографија: AP

Поради сомневање за поткуп, обвинителството во Бон, врз основа на американско барање за правна помош, поведе истрага против осум лица, меѓу кои и првиот човек на Дојче Телеком, Рене Оберман и луѓе кои не му припаѓаат на концернот, соопшти Дојче Телеком, додавајќи дека станува збор за истрага во врска со претпоставки за поткуп во Македонија и Црна Гора. Во соопштението на концернот се прецизира дека на Оберман му се префрла дека „на средба со првиот човек на Македонски Телеком во 2005 година, го условил исплаќањето на дивидендите со неотворање на македонскиот телекомуникациски пазар за други конкуренти. Тоа, од страна на обвинителството, се доведува во врска со наводен поткуп на трети лица“, соопштува Дојче Телеком.

Потврда за истрагата

За Дојче Веле денеска потврда од бонското обвинителство за истрагата, но без детали. Јан Ван Росум, од обвинителството во Бон, за Дојче Веле изјави: „Истрагата е насочена против одговорни лица во Дојче Телеком во Бон. За актуелната состојба на истрагата сега не можам да кажам ништо, за да не ја загрозам истрагата што е во тек. Обвинителството во Бон, во моментов, проверува, врз основа на американското барање за правна помош, дали постои сомневање за поткуп, дали таквото сомневање има основа или не. Во рамките на претресот што е направен во работни простории на Дојче Телеком, запленети се документи кои во моментов се предмет на анализа од наша страна.“

Deutsche Telekom Zentrale in Bonn
Централата на Дојче Телеком во БонФотографија: picture-alliance/ dpa

Околу случаи на наводен поткуп во Македонија и Црна Гора, Ван Росум одговара: „Не би сакал за тоа да давам сопствено објаснување во интерес на истрагата, но исто така и не би ја демантирал оваа информација на Дојче Телеком.“

Обвинителството во Бон во моментов, како што вели Ван Росум, се концентрира на анализа на запленетите документи, што како што е нагласува, е многу напорно, зашто мора да се истражи заднината на случајот, за потоа, врз основа на актите, да се оцени дали има основа за конкретизирање на сомневањата.

Оберман демантира

Првиот човек на Телеком Рене Оберман, преку соопштението на Дојче Телеком, ги отфрла решително обвинувањата. Концернот соопштува дека е против корупција во кој било свој дел во светот и подвлекува дека соработува со американските власти веќе четири години. Оберман, лично, на крајот на 2009 година бил во улога на сведок во рамки на американската истрага (која патем се води со години и е насочена кон разјаснување на постапките на Телеком во Источна Европа), но во ниту еден стадиум на таа истрага не било покренато обвинување против него лично, се вели во соопштението на концернот. Весникот „Зидојче цајтунг“ денеска прецизира дека Оберман е единствениот топ-менаџер кој во актите на обвинителството во Бон фигурира како обвинет. Кај другите осомничени од редовите на Телеком станува збор за менаџери и соработници кои во Дојче Телеком се задолжени за странски друштва и инвестиции во странство.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска