1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е иднината на северот на Косово?

24 август 2010

Планот на Ахтисари е добро решение за северот на Косово, сметаат политичките аналитичари, но и некои Срби од централно Косово. Претставниците на Србите од северниот дел се против тој план и независноста на Косово.

https://p.dw.com/p/OuHK

Актуелниот статус кво на северниот дел од Косово им одговара само на криминалците, оценува политичкиот аналитичар Бехљуљ Беќај и додава дека проблемот може да се реши интерно во Косово, и со примена на планот на Ахтисари за децентрализација на власта: „Мислам дека е крајно време да се најде формула која ќе го овозможи спроведувањето на планот на Ахтисари, во смисла на почитување на територијалниот интегритет, и секако да се признае реалната состојба дека и Србите имаат еден дел свој сувереност на Косово, оти и тие се државјани на Косово, и затоа самите треба да изградат своја суверена власт во рамките на Уставот, односно на територијалниот интегритет на Косово.“

Различни ставови за можното решение

Ramush Tahiri
Политичкиот аналитичар Рамуш Тахири во ПриштинаФотографија: DW

И политичкиот аналитичар Рамуш Тахири истакнува дека за националното прашање на Србите на Косово може да се најде решение само во согласност со законите на Косово и со позитивните европски примери: „Еден од тие позитивни примери е и предлогот на претседателот Ахтисари, со кој се предвидува широка општинска автономија, а општините се формираат според етничката база на Косово, но исто така содржи и широки овластувања во поглед на образованието, здравството, но исто така и кога станува збор за соработката на тие општини со Србија.“

Аналитичарите се согласни, но меѓу косовските Срби, во зависност дали живеат северно или јужно од Ибар, постојат различни ставови за можното решение на прашањето за северот на Косово.

Претседателот на Српското национално собрание на северно Косово, Милан Ивановиќ вели дека Србите не ја прифаќаат ни косовската независност, ниту планот на Ахтисари: „Во поглед на спроведувањето на планот на Ахтисари во северниот дел, секако ќе се спротивставиме со сите легални средства, дека во Северна Митровица не може да има никакви избори. Србите нема да го прифатат тоа и било каков обид за фалсификат на тие избори мислам дека нема да успее.“

Потребна е соработка помеѓу северниот дел и Приштина

Rada Trajkovic
Рада Трајковиќ, претставничката на Србите од централниот дел на КосовоФотографија: DW

За разлика од Ивановиќ, Рада Трајковиќ, претставничката на Србите од централниот дел на Косово, смета дека планот на Ахтисари е добро решение за северот на Косово: „Доколку Белград и Србија навистина сакаат стабилност на останатиот дел на Србија, а секако и стабилност на другите Срби на просторот на Косово и Метохија, во смисла на оние кои останале и тенденцијата за враќање на Србите, за која треба да се бориме, јас сметам дека решението за северот на Косово мора да биде решение според кое се подразбира одредено ниво на институционалните врски на северниот дел со Приштина.“

И аналитичарот Тахири се согласува дека за решение за северниот дел, потребна е соработка со Белград: „Треба да разговараат со Белград, и Белград треба да го прифати Косово како реалност и да ги советува Србите да соработуваат со централните и локални власти на Косово, оти тоа е единствен начин да ги реализираат своите права, а тоа е и европски начин.“

Автор: Зулфија Јакупи/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска