1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како обидот за пуч ги промени германско-турските односи

Башак Озај
13 јули 2017

Од обидот за пуч во Турција, на 15 јули 2016 година, односите меѓу Германија и Турција сѐ повеќе се влошуваат. Кои се најголемите точки на раздор меѓу двете земји?

https://p.dw.com/p/2gRlt
Die deutsche und die türkische Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Обидот за пуч во Турција на 15 мај 2016 година не само што ја разниша внатрешнополитичката ситуација во Турција, туку ги разниша и односите со Запад. Германија и Турција, две земји кои историски имаа добри односи, се оддалечија една од друга. ДВ ги анализира причините.

Првите тензии датираат уште пред неуспешниот пуч

Сериозни тензии во германско-турските односи имаше уште пред почетокот на пучот. Во 2016 Ердоган се обиде да влијае врз слободата на говор и мислење во Германија, кога лично се почувствува нападнат и навреден од поемата на сатиричарот Јан Бемерман.

Кога Бундестагот на 2 јуни 2016 призна геноцид врз Ерменците (извршен во 1915/1916 година), турската влада збесна и им забрани пристап на членовите на германскиот парламент до воздухопловната база Инџирлик, која ја користеа заеднички. Потоа се случи обидот за државен удар, кој Ердоган го оцени како „Божји благослов“.

Türkei - Kundgebung in Istanbul gegen den Umsturzversuch
Ердоган не доби дозвола да настапи по самитот на Г20 во ГерманијаФотографија: Reuters/O. Orsal

Борба против Ѓуленистите

Ердоган го искористи обидот за пуч за да им се одмазди на несаканите поранешни сојузници од движењето Ѓулен. Според него, зад пучот стоеја свештеникот Фетула Ѓулен, кој живее во САД, и неговото движење. Самиот Ѓулен ги отфрли ваквите обвинувања.

За една година, по неуспешниот обид за пуч, во Турција беа уапсени над 50.000 лица. Над 100.000 државни службеници беа отпуштени од работа без никаков надомест ниту право на пензија. Критиките од германската влада, организациите за заштита на човекови права, ЕУ и НАТО, Ердоган ги карактеризираше како „терористичка пропаганда“. Државите кои по обвинувањата за малтретирање во затворите им дадоа азил на турски граѓани Ердоган ги нарече „поддржувачи на тероризмот".

Во однос на Германија станува збор пред сѐ за одлуката да им се даде азил на над 400 дипломати, војници, судии и високорангирани државни службеници. За Анкара токму тие се виновни за обидот за уривање на владата. Но, според Германскиот сојуз на судии, потребни се „неотповикливо цврсти докази" за тие да може да бидат екстрадирани.

Затворени новинари

Не само наводните поддржувачи на Ѓулен, туку и сите критичари на владата беа засегнати од декретите донесени по прогласувањето вонредна состојба во Турција. Бројот на затворени новинари од 2016 до денес се искачи на над 150, а меѓу нив е и германско-турскиот новинар Дениз Јуџел. Дописникот на „Ди Велт" беше уапсен во февруари годинава во Истанбул, во рамки на истрагата која беше иницирана поради објавување на приватни мејлови на турскиот министер за енергетика и зет на Ердоган, Берат Албајрак. Турските власти го обвинуваат Јуџел за „подбуцнување народи и терористичка пропаганда". Со оглед на тоа дека обвинението сѐ уште не е поднесено, нејасно е за што точно е обвинет.

Јуџел, кој има двојно државјанство, и германско и турско, не е единствениот Германец зад решетки. По обидот за пуч се уапсени уште десет Германци, меѓу кои и, на пример, новинарката и преведувачка Месале Толу. Организацијата Репортери без граници вели дека станува збор за своевиден „лов на вештерки" и Ердоган е ставен на „Листата на непријатели на слободата на печатот". На индексот за слобода на печат на оваа организација Турција е на 155 место од 180.

Deutschland Deniz Yücel
Фотографија: picture alliance/Eventpress/Stauffenberg

Одбиени настапи на турски политичари

Паралелно со прогонот и отстранување на опозицијата, Ердоган спроведуваше и уставни реформи, со цел моќта и овластувањата да се сконцентрираат на неговата личност. Во оваа намера требаше да му помогнат и Турците со право на глас кои живеат во Германија и да гласаат на референдумот на 16 април 2017 година.

Одредени настапи на турски министри беа откажани поради безбедносни причини, поради што Ердоган ја обвини германската влада за спроведување на „нацистичка пракса". Ваквата изјава ја прели чашата кај германската канцеларка Ангела Меркел. „Ваквите споредби на Германија со националсоцијализмот мора да престанат", изјави Меркел.

Желбата на Ердоган да одржи говор пред или по самитот на Г20 во Хамбург не му беше исполнета. Нема доволно полициско обезбедување за да се осигура безбедноста, а покрај тоа вакви настапи не се вклопуваат во политичкиот пејсаж на Германија, гласеше официјалното соопштение за одбивањето на барањето.

Türkei Incirlik Tornados der Bundeswehr Luftwaffe
Германски Торнада во ИнџирликФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Кризата со Инџирлик

Откако им беше доделен азил на турски војници, Турција, исто како и по гласањето на резолуцијата за Ерменија, им забрани на турски пратеници да ги посетат германските војници кои се наоѓаат во базата Инџирлик. Турската влада не попушти ни покрај дипломатските интервенции и посетата на германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел и ја остави вратата затворена.

Поради ова Бундестагот реши во јуни годинава да ги повлече германските војници од Инџирлик. Таму се стационирани околу 260 војници, кои со шест Торнадо-авиони и еден авион за снабдување со гориво, беа вклучени во борбата против терористичката организација Исламска држава. Единиците сега ќе бидат преселени во Јордан.