1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

241110 Medien Südosteuropa

24 ноември 2010

Конференција во организација на Дојче веле и на Друштвото за ЈИЕ беше во потрага по одговор - како политиката, економијата и религијата влијаат врз медиумите во ЈИЕ и што да се направи за поттик на независно новинарство?

https://p.dw.com/p/QGuP
Фотографија: AP Graphics/DW

„Кога ќе ти кажам да нападнеш некого, мораш да го нападнеш“ - недвосмислени зборови на сопственикот на една од најголемите романски медиумски групации упатени до еден новинар. Зборовите на милијардерот Сорин Овидиу Ванту од 2009 година биле снимени и стигнаа во јавноста. На примерот на овој медиумски цар, Лиана Ганеа од романската агенција за набљудување на медиумите „Актив Воч“ покажа колку многу политиката и економијата влијаат врз новинарството во ЈИЕ. Романија е членка на ЕУ од 2007 година, но состојбата во медиумите во последните две години се влоши, вели Ганеа. Поради лошата финансиска состојба клуч морале да стават многу редакции и дури и искусни новинари ги загубиле работните места поради финансиската криза. А полемиката во текот на изборната борба предизвикала поголема недоверба на населението кон новинарите отколку досега.

Konferenz Medien in Südosteuropa
Лиана ГанеаФотографија: DW

Медиумите им служат на економските интереси на сопствениците

И во Албанија медиумите се притиснати, вели Ремзи Лани, раководител на Институтот за медиуми во Тирана: „Главен проблем е клиентелското работење на медиумите. Медиумите се во сендвич-позиција меѓу економијата и политиката. Затоа тие во стварноста не и‘ служат на јавноста, туку на економските интереси на сопствениците. Цената за тоа ја плаќа населението, кое не е претставувано од страна на медиумите и чии реални потреби често се игнорираат.“

Konferenz Medien in Südosteuropa
Ремзи Лани на конференцијата во ДВ (прво од десно)Фотографија: DW

На Балканот медиумите се слободни, но не се вистински независни - мешањето на економијата и политиката е преголемо. Покрај нив, има и трета сила која влијае врз медиумите. Според Лилјана Зуровац, раководителка на Советот за печат на Босна и Херцеговина, религијата исто така има големо влијание врз медиумите во регионот: „За жал ова влијание во некои медиуми е преголемо и тоа не затоа што можеби религиозните институции се туркаат, туку затоа што овие медиуми самите сакаат да соработуваат со нив.“

Меѓу новинарска независност и голо преживување

Медиумската понуда во ЈИЕ е голема, барем што се однесува до бројките - во Софија, на пример, има 30 различни радија на 1,4 милиони жители, а и онлајн-понудата во овие земји е толку голема, што е дури и тешко прегледна. Сепак, само мал дел од медиумите стопанисуваат како што треба. Без помош на влијателни бизнисмени многу приватни медиуми би биле банкрот. Значи, често станува збор за тешка одлука меѓу новинарска независност и голо преживување. „За проблемите на медиумите мора отворено да разговараме. За да ја зајакнеме позицијата на новинарите мора да излеземе во јавноста и да зборуваме отворено за нашите слабости и за економскиот и политички притисок, со цел да најдеме нови решенија“, оценува Ганеа.

Konferenz Medien in Südosteuropa 2010
Лилјана ЗуровацФотографија: DW

Во Бон се дискутираше и за други начини на подобрување на состојбите, пред се‘ за обука на новинари, меѓу другото и со помош на западни партнери. Она што е суштинско, сепак, е водење отворена дебата за тоа како новинарството во иднина да се финансира за да се гарантира негова независност. „Крајно време е новинарството да се третира како јавно добро“, заклучи директорката на Меѓународното здружение на новинари во Брисел, Ренате Шредер. Здружението, во иднина, ќе стави нов фокус врз ЈИЕ.

Автор: Александра Шерле / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска