1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија и поуки за Македонија

2 октомври 2017

Ако референдумот во Каталонија е задоцнета лекција за Шпанија, тој е навремена лекција за сите кои сакаат да ја зачуваат целовитоста на своите држави. Тоа значи навреме да изразат слух за потребите на граѓаните.

https://p.dw.com/p/2l57x
Spanien Barcelona Referendum über Unabhängigkeit - Referendums-Gegner
Фотографија: Getty Images/D. Ramos

„Голманот на Реал Мадрид, Кико Касилја, роден во мало каталонско гратче, беше спречен да одговори на каталонски јазик на официјалната прес-конференција по мечот со 'Валенсија' (3-2) на прашањето на 'Радио Каталуња'. Кога новинарот на ова Радио му постави прашање, Касилја почна да одговара на каталонски јазик. Но, беше веднаш прекинат од портпаролот на 'Реал Мадрид', по што мораше да продолжи да одговара на шпански јазик. Ова предизвика бура во Каталонија, со оглед дека досега се нема случено клубот да му забрани на фудбалерот да даде изјава на својот мајчин јазик. Кристијано Роналдо давал одговори на португалски јазик на новинарите од својата земја, Лука Модриќ на хрватски јазик, а тренерот Зинедин Зидан на француски јазик... Но, на Касилја тоа му беше забрането“.

Оваа вест светските медиуми ја пренесоа лани во мај. Една година подоцна, целиот свет известува за бројот на повредени во Каталонија, која вчера спроведе референдум за независност, спротивно на одлуката на шпанскиот Уставен суд дека тој е неуставен. Претседателот на регионалната влада на Каталонија, соопшти дека  Каталонците „се избориле за правото на независна држава“, а регионалниот министер за надворешни работи ѝ порача на Европската унија „да избере меѓу срам и достоинство“.

Спомнатата епизода со Касилја е само едно камче од политичкиот мозик, кој со децении покажуваше зошто кај Каталонците тлеат желбите за независност. Во долгите години на франкизмот употребата на каталонскиот јазик била забранета. По Втората светска војна, се завршувало во затвор заради негова употреба, а црквата го контролирала тоа во филмот и музиката. Иако јазикот подоцна и формално ја доби својата употреба, Каталонците одбиваат тој да се третира „во зависност од случајот и добрата волја“, исто како и нивната посебност, култура, историја...

Незадоволството со децении расте и поради други индикатори, пред сѐ економски. Каталонија, која е најбогатиот регион во Шпанија, реагира на фактот што не постои сразмерност меѓу нејзиниот придонес во БДП, и она што од буџетот се враќа во регионот.

И сега сите се прашуваат што се случи во пиринејската преткомора на срцето на ЕУ: државен удар или државен срам за европските демократски вредности? Се случи она што може да се случи во секоја земја, која ги игнорира барањата на граѓаните чии заложби се да ги уживаат правата на својата културна, национална и идентитетска посебност, без со тоа да го оспоруваат правото на другите, односно да живеат обединети во различноста, како што порачува токму ЕУ. Но, ако полнотата на тој идеал е повеќе на хартија отколку во практичниот живот, тогаш прашање на ден е кога ќе пукнат рабовите на таа тесна кројка. Во случајот со Каталонија, не беше тешко да се претпостави дека рабовите се пред конечно пукање, со оглед на досегашните референдуми и опстојувањето на истата цел. Фактот што шпанската влада остана глува кон потребите на регионот и што остана да се крие зад одлуката на Уставниот суд, придонесе таму да се одржи најсрамната политичка корида, со гумени куршуми, симболично со ништо поразлични од црвеното платно со кое мавтаат матадорите на коридите со бикови, патем, срамна и нехумана „традиција“ против која се борат токму Каталонците.

Но, ако референдумот во Каталонија е задоцнета лекција за Шпанија, тој сѐ уште е навремена лекција за сите кои сакаат да ја зачуваат целовитоста на своите држави и заедници. Тоа значи навреме да се изрази слух за потребите на граѓаните и да се почне суштински дијалог, зашто кога ќе заиграат гумени куршуми, или повеќе од гумени, тоа е знак дека сите губат, без оглед кој формално ќе добие повеќе од автономија.

Македонија, која во турбулентните времиња на крвавиот распад на СФРЈ својата независност во 1991 година ја стекна без испукан куршум, цената на отсуство на слух за потребите на дел од нејзините граѓани ја плати во 2001 година со човечки животи. Главното прашање беше - зошто се случи оружен конфликт? Небаре сите „заборавија“ дека најцитираната изјава од крајот на 2000-та година беше на тогашниот лидер на ДПА Арбен Џафери: „Се будам, живеам и заспивам со идеја за промена на Уставот“, што беше само еден од потсетниците за незадоволството на македонските Албанците од корпусот на нивните права.

Денес, таа отпосле научена лекција од 2001 година, повторно е пред испит преку законот за употребата на јазиците. Предлог-законот од страна на опозицијата се користи за политизирање и плашење на граѓаните дека проширената употреба на албанскиот јазик е на штета на македонскиот. Се воскреснуваат страшила од минатото, приказни за опасност од воскреснување големи држави... Се фрла црвено платно во македонската политичка корида, се игра на изборно сензибилизирање на етничките Македонци против предлогот-законот, се разнишуваат постаментите на долго и тешко градените меѓуетнички односи, по таа најтешка година за Македонија. Таквите практики не водат кон решавање на потребите, туку кон ескалирање на проблемите. Поради вакви бројни тенденции, а заради националистички ставови, изборни интереси и обиди да се купи македонскиот електорат преку инсталирање на „страв од другиот“, тешко е дека крвавиот ден во Каталонија ќе биде анализиран од аспект на последиците кога не се реагира на потребите. А политикантството, како израз на површноста, повеќе од сигурно ќе заврши со тирада на евроскептиците за неодржливоста на ЕУ, за потенцијалниот домино-ефект од каталонскиот референдум, за близината на распадот...

И тоа е легитимна тема. Но, откако ќе погледнеме прво во сопствениот двор. Што сме направиле и што можеме да направиме за да бидеме цврсто кохезивно мултиетничко општество со високи демократски вредности, каде различноста е богатство и предност, општество кое врз тие анкери на стабилност ќе може да опстојува без разлика дали ќе биде дел од ЕУ, и без оглед дали и колку таа ќе постои и опстои.