1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Каталонија на удолница

Барбара Везел
23 октомври 2017

Нова ескалирачка рунда меѓу Мадрид и Барселона: премиерот Рахој ќе ја ограничи автономијата на Каталонија и ќе ја распушти регионалната влада. Цената на сонот за независност на Каталонија расте, коментира Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/2mKgh
Spanien Demonstration für Unabhängigkeit Katalonien in Barcelona
Фотографија: Reuters/R. Marchante

Неколку стотици илјади луѓе за време на викендот протестираа во Барселона против последниот потег на Маријано Рахој во политичкиот покер. Шпанскиот премиер најави ограничување на автономијата и развластување на каталонската влада.  Лавирањето на каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон не му ни остави некоја друга можност. Без оглед на сите политички глупости кои ги направија Рахој и неговата влада во пресрет на сегашниот  конфликт,  факт е дека ниедна држава не може да си дозволи да биде толку омаловажувана и непочитувана.

Мерак по револуционерен занес

Еден дел од каталонското население во моментов е предадено на револуционерните емоции.  Веењето знамиња, бунтовничките песни и слогани создаваат чувство на заедништво и занес. Независноста предизвика еден вид празнично расположение во кое се обединети млади и стари, обични граѓани и универзитетски поддржувачи.

Владин портпарол во Барселона во меѓувреме изјави дека сега треба да се дејствува со разум и со срце, но натамошните чекори не треба да бидат одредувани и водени од емоциите. Предупредувањето доаѓа малку задоцнето, зашто Карлес Пуџдемон и неговите следбеници во минатите две години презедоа сѐ можно за потпалување на огнот и емоционализирање на темата.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Паралели со Брегзит

Постојат паралели со Брегзит. Одушевувањето за каталонската независност кај делови од населението беше потхранувано преку масовна дезинформирачка пропаганда. Приврзениците на независноста се задоени со едноставно шокирачки илузии во поглед на политичката иднина на „Република Каталонија“ и нејзините економски можности. Многумина воопшто не ни сакаат да размислуваат околу тоа, зашто само ќе им го расипе расположението.

Бројни заговорници на идејата за независност и натаму веруваат дека ќе останат во ЕУ, дека животот ќе тече натаму како и досега, дека каталонскиот извоз ќе цвета, а Европа на некаков начин ќе им помогне. На оние кои укажуваат на спротивното, се гледа како на расипувачи на забавата. Исто како што до денес се замолчувани луѓето во Британија кои укажуваат на реалните последици од Брегзитот. Некој мора да им ги сервирал овие лажни информации на Каталонците, кон кои сега тие жилаво се држат. Движењата за независност беа тие кои распалуваа слеп занес и го свртуваа погледот настрана од реалноста. Но и Карлес Пуџдемон има свој придонес, дозволи да биде впрегнат во количка од луѓе кои не може да ги контролира. А разглас на пропагандата за независност беше регионалната телевизија ТВ3.

Политичко минско поле

Оваа недела сите актери во оваа драма во продолженија ќе бидат принудени да стапнат на политичко минско поле, па на двете страни ќе им биде тешко да избегнат неконтролирани експлозии. Кога в петок ќе дојде до укинување на автономијата, ситуацијата може да стане критична. 

Маријано Рахој во Мадрид мора да внесе во игра луѓе-познавачи на регионот, политичари кои ќе го најдат патот меѓу правната неизбежност и избегливите провокации. Ќе биде исклучително тешко да се управува со полуавтономен регион, без Каталонците да бидат дразнети на протести повеќе отколку што е неопходно. Бурето барут може лесно да биде кренато во воздух. 

Карлес Пуџдемон и неговите меѓутоа мора да покажат дали се способни да размислуваат со своја глава. Најдобро би било ако по разрешувањето Пуџдемон направи место за помалку радикален водач, кој е спремен за преговори со Мадрид. Но, можеби на Пуџдемон му е сеедно расцепувањето на регионот, можеби е желен преку својот залез да се стекне со слава, да стане националистички маченик.

Следните денови ќе покажат накаде оди Каталонија. Многу нешта укажуваат на исцрпувачка борба, на долга тлеечка криза која ќе ја стави на проба шпанската демократија и со години ќе ја оптоварува економијата. За самата Каталонија пак, политичката и економската цена на сонот за нејзина независност ќе расте од месец во месец.