1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квалитетот има своја цена

7 јануари 2011

По скандалот со сточната храна загадена со диоксин, потрошувачите во Германија бараат поголема транспарентност за состојките на производите. Станува јасно дека производите не можат да бидат евтини и со добар квалитет.

https://p.dw.com/p/zuNR

Во Германија имаше неколку скандали во прехранбената индустрија, со јајца затруени со диоксин, расипани јајца кои наместо да завршат во канта за отпадоци се користат за производство на тестенини, расипано месо со лажен рок на траење. Кога скандалот ќе излезе на виделина, разочарувањето кај луѓето е големо. Месните отпадоци се преработуваат во колбаси, а во нив се додаваат вештачки адитиви за подобар вкус. Тоа не се случува ненамерно. Исто како во најновиот таков случај, кога наместо растителни масти во сточната храна одеднаш се најде техничка мешавина од масни киселини затруена со диоксин, која земјоделците потоа, без да знаат за опасноста, им ја давале на нивната живина, на нивните крави и свињи.

Во прехранбената индустрија и одгледувањето на корисни животни очигледно честопати има вакви случаи, оти станува збор за голема заработувачка, но и поради тоа што казните за деликти во прехранбената индустрија не се многу ригорозни. Најчесто се одредува не многу висока парична казна или само неколку години условна казна, ништо повеќе. Тоа треба да се промени.

Неопходна е поголема транспарентност

Judith Hartl HGD Redakteurin und Moderatorin Leitung Redaktion Wissenschaft
Јудит Хартл, автор на коментаротФотографија: Christel Becker-Rau

Но, значајно е тоа што производителите сега имаат поголема обврска за транспарентност на точниот состав на прехранбените производи што ги произведуваат. Потрошувачот треба да знае од што се состои колбасот, кој е вкусен, но никој не знае дали е можеби произведен исклучиво од месни отпадоци. Треба да биде транспарентен начинот на одгледување и хранење на животните, и со тоа и квалитетот на месото, јајцата и млекото кое го конзумираме.

Исто така и контролорите на прехранбените производи треба да работат поефективно. Притоа, многу е значајна е одговорноста и правото на одлучување на потрошувачите, оти тие одлучуваат што сакаат да јадат и за што ќе ги дадат своите пари.

Не може од една страна да протестираме против јајцата затруени со диоксин, а од друга страна, во супермаркетите да ги купуваме најевтините јајца, за кои е јасно дека се од индустриското масовно производство. Евтините јајца се од кокошки од инкубатори, кои се произведуваат и одгледуваат со што е можно помали трошоци, на мал простор, со евтина и неквалитетна храна. Потрошувачите мора да знаат дека производите не можат во истовреме да се евтини и со добар квалитет. Квалитетот има своја цена.

Сега не е од никаква полза ако поради скандалот престанеме да конзумираме јајца или свинско месо. Тоа ќе им штети само на искрените земјоделци и се‘ останува како досега - криминалците ги тријат рацете, а потрошувачите се изиграни.

Автор на коментарот: Јудит Хартл

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска