1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинескиот „Нов пат на свилата“- нова надеж за регионот

Анастас Вангели
5 ноември 2016

Железница во Србија, автопат во Црна Гора или логистичка база во Бугарија- Кина е еден од најголемите инвеститори во регионот. Самитот на форматот „16+1“ ќе биде уште еден чекор напред? Анализа на Анастас Вангели

https://p.dw.com/p/2S9Ko
China Investment Afrika Äthiopien - AU Konferenz Center
Фотографија: AFP/Getty Images

Во изминатите 25 години голем број меѓународни платформи се фокусираа на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Сепак, малку од нив беа толку сеопфатни и амбициозни како онаа на Пекинг наречена „16+1“ која ги спојува Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Собирајќи ги во една група овие 16 пост-социјалистички држави, од кои 11 се членки на ЕУ, а пет во различна фаза од преговорите за членствo, Кина ја постави основата за развој на иновативна мултилатерална платформа чија примарна цел е да промовира „прагматична соработка“ во повеќе области, со цел да го извлече максимумот од неискористените економски потенцијали на овие земји.

Денеска (5 ноември), шефовите на кинеската и на владите на 16-те земји од групата ќе го одржат петтиот самит во Рига. Овие собири на високо ниво се проследени со бизнис-форуми, тинк-тенк конференции и други придружни настани. Надвор од средбите на високо ниво, во рамките на форматот „16+1“ се случуваат голем број собири на кои учествуваат различни владини нивоа, академици и стопанственици. Делегации со претставници на ЦИЈЕ веќе редовно ја посетуваат Кина, и обратно.

Зголемената интеракција меѓу Кина и ЦИЈЕ дојде неочекувано. Само до пред неколку години, контактите меѓу двете страни беа ограничени и далеку од ентузијастички. Во 1990-те и 2000-те, многу ЦИЈЕ влади водеа идеолошка анти-комунистичка дипломатија која не беше наклонета кон поблиски односи со Кина; но во меѓувреме, како и насекаде низ ЕУ, политичките проблеми се ставија на страна овозможувајќи и процут на економската дипломатија. Денес, односите меѓу Кина и ЦИЈЕ се сметаат за најдобри во историјата- историја која датира од самото основање на Новата Кина во 1949, кога земјите од ЦИЈЕ беа меѓу првите кои ја признаа, факт кој Пекинг го смета за особено симболички важен.

Во 2016, според кинеските политички креатори и експерти, односите меѓу Кина и ЦИЈЕ созреаја и се подготвени за чекор понатаму по првичната фаза на обнова на односите и зближување. Кинескиот претседател Си Џинпинг годинава посети три земји од регионот на ЦИЈЕ- Чешка, Србија и Полска- давајќи до знаење дека стратешкото значење на ЦЕЈИ се зголеми во агендата на кинеската дипломатија и сега е дел од портфолиото и на највисокиот лидер. 

Polen Warschau Portrait Anastas Vangeli
Анастат Вангели е докторанд на Полска академија на науки во Варшава.Фотографија: privat

Алтернативен модел на глобализација

„16+1”стана круцијален дел од кинеската „Иницијатива појас и пат“ (BRI) познат и како „Нов пат на свилата“. Вкоренет во нејзините домашни императиви (развој на западните кинески региони и прекумерниот капацитет за извоз) како и жедта за капитал низ Азија, Африка и Европа, „Новиот пат на свилата“ се залага за усогласување на развојните агенди на различните земји, ја олеснува меѓусебната координација на јавните политики, промовира инвестиции во инфраструктурен развој и финансиска интеграција како и останати бројни мерки за промоција на економска соработка, како и на „цивилизациски дијалог“. Целите на „Новиот пат на свилата“ кои ги откриваат кинеските претставници вклучуваат и мелиорација на интер-регионалните развојни нееднаквости и негативните ефекти од глобалната финансиска криза, што пак ги наведува аналитичарите да ги наречат овие кинески потфати „алтернативен модел на глобализација“.

Во пракса, соработката „16+1” за само неколку години доведе до значајно зголемување на економската важност на ЦИЈЕ за Кина и обратно. На пример, во 2015 година Кина имаше речиси ист волумен на трговска соработка со блокот 16 (околу 55 милијарди американски долари) колку што имаше и со Русија (околу 60 милијарди). Инвестициите како од приватните така и од државните кинески компании во регионот постепено се зголемуваа. Бројни транспортни инфраструктурни проекти- вклучително и железничката брза пруга Белград-Будимпешта, дел од „Кина-Европа експрес“ од Будимпешта до Атина- се во процес на имплементација.

Сепак, настрана овие достигнувања, генералниот впечаток е дека „16+1“ се уште не го достигнал својот целосен потенцијал, затоа што се уште многу повеќе се ветува и проектира одошто се исполнува. Економската соработка меѓу Кина и ЦИЈЕ се уште е многу мала во споредба со соработката меѓу Кина и остатокот од ЕУ. Уште поважно, „16+1“ меѓу лидерите во ЦИЈЕ и експертите се уште не ги исполнува нивните надежи и желби, како што се уште поголема трговска соработка и побалансирана трговска размена (во моментов Кина има огромен суфицит); како и што повеќе кинески директни инвестиции во регионот- особено „гринфилд“ инвестиции. За политичарите во ЦИЈЕ, остварувањето видливи резултати на краток рок е клучно, затоа што за нив директните странски инвестиции се и извор за политичка легитимација и средство во обидот да добијат повторен избор.

Infografik Chinas neue Seidenstraße Englisch
Кинескиот „Нов пат на свилата“

Меѓу реалноста и очекувањата

Една од причините поради кои реалноста се уште не ги исполнува очекувањата е и тоа што односите меѓу Кина и ЦИЈЕ мораа да се навикнат на „новата нормалност“ на кинеската економија (која сега расте со околу 6,5 проценти годишно). Другите причини имаат врска со различните околности во регионот на ЦИЈЕ, каде на владите им недостасуваат човечки ресурси, капацитет и искуство за да го следат чекорот на Кина. Домашните, регионалните и европските политички околности исто така ја ограничуваат успешната соработка. Затоа, за Кина, првите фази од соработката беа и можност за учење. За разлика од нивните колеги од ЦИЈЕ, кинеските политичари се подготвуваат на долги патеки- честопати целите се поставуваат за претстојните децении.

Годишниот самит во Рига ќе им даде можност на кинеските лидери и на нивните колеги од регионот да го проценат актуелниот развој и да предложат идни мерки и области за соработка. Во време на повеќекратни кризи во ЕУ, раст на деструктивните политички сили и зголемени тензии меѓу Русија и НАТО, на форумите на „16+1“ тие добиваат ретка можност да развиваат визии за глобална економска обнова. Во таа смисла, за многумина е разбирливо и подносливо што понекогаш исходот на соработката се одива побавно од очекуваното. Во моментов, самиот таков наратив овозможува доволна мотивација за владите на ЦИЈЕ да инвестираат во нивните односи со Кина. Како резултат, Кина и натаму ја зајакнува својата позиција со цел да ги зајакне својата визија и позиции во Европа и пошироко, не само во однос на економското влијание, туку и во однос на идеите и парадигмите за развој и соработка.

Анастат Вангели е докторанд на Полска академија на науки во Варшава.