1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалициониот договор е постигнат

24 октомври 2009

Претседателката на ЦДУ и германска канцеларка Ангела Меркел со коалиционите партнери-шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер и претседателот на Либералите Гидо Вестервеле го претстави коалициониот договор на идната германска влада.

https://p.dw.com/p/KELa
Тројцата коалициони партнери на прес-конференцијата во БерлинФотографија: AP

Канцеларката Ангела Меркел коалиционите преговори ги оцени позитивно. Тие на идната влада и‘ даваат можност храбро да зачекори во иднината, рече шефицата на ЦДУ, претпладнево во Берлин. Партиите при коалиционите преговори се раководеле од идејата за пораст и создавање на земја на образованието. Даноците и давачките нема да бидат зголемени, туку во надминување на кризата е постигната согласност за намалување на давачките.

„Новата владата стои на зборот, тоа многу јасно произлегува од коалициониот договор, нема да ги зголемиме даноците и давачките, туку се залагаме за пораст и ги растоваруваме граѓаните,“ подвлече Меркел.

Ќе се опстои на ветеното

Шефот на Либералите и иден германски вице-канцелар Гидо Вестервеле постигнатиот коалиционен договор го оцени како успех за неговата партија „Овој договор е не само добар за нашата земја, туку носи силен потпис на Либералите“, подвлече Вестервеле. Тој нагласи дека неговата партија успеала да го реализира барањето за намалување на даноците. „Ветивме едноставен и праведен даночен систем и на тоа опстојуваме“, истакна Вестервеле. Идниот вице-канцелар на Германија при претставувањето на коалициониот договор, покрај другото, се заложи Германија во иднина да го повлече атомското вооружување.

Koalition Gesundheit
Најавена е голема реформа на здравственото осигурување, како и реформа на даноцитеФотографија: AP

Повеќе нето во џебот на граѓаните

Претседателот на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер на прес-конференцијата во Берлин, од своја страна, истакна дека договорот е „добра книга на насоки за наредните години“. На граѓаните во иднина ќе им останува повеќе нето-приход отколку досега, истакна Зехофер и најави дека од 1 јануари 2010 година ќе има реформа на данокот за претпријатија и на наследството. Коалицијата постигна согласност и околу зголемувањето на детскиот дотаток. Новиот коалиционен договор претставува баланс меѓу економските компетенции и социјалната одговорност.

Даночната политика беше една од последните спорни точки во преговорите. Коалиционите партнери, на крајот, постигнаа согласност за даночни намалувања во висина од 24 милијарди евра по 2011 година. Во последен момент коалиционите партнери се договорија и за здравствената политика во наредниот легислатиен период. Договорот предвидува суштинска реформа на здравственото осигурување во Германија. Коалиционите партнери се договорија и околу воената обврска. Од 1 јануари 2011, воениот рок ќе се издржува само шест месеци.

Нови лица во владата

Во новата германска влада, покрај канцеларката Меркел, ќе има уште седум министри од редовите на христијанските демократи. Како изненадување се смета смената на досегашниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, кој во новата влада ќе преземе еден од клучните ресори - министерството за финансии. На сестринската партија Христијанско-социјалната унија и‘ припаднаа три министерства - за земјоделство, транспорт и врски и на чело на министерството за одбрана ќе застане досегашниот министер за економија, Карл Теодор цу Гутенберг. Шефот на Либералите Гидо Вестервеле, според очекувањата, застана на чело на министерството за надворешни работи и ќе ја извршува функцијата вице-канцелар, додека како изнендување се смета Филип Реслeр од ФДП, кој е најмладиот министер во кабинетот на канцеларката Меркел и ќе го предводи министерството за здравство. Изненадување во Берлин денеска предизвика и именувањето на Гинтер Етингер од ЦДУ, премиер на покраината Баден-Виртенберг, за иден европски комесар. Етингер треба да го замени досегашниот комесар за индустрија, Гинтер Ферхојген.

Flash-Galerie Philipp Rösler Das neue Kabinett
Филип Реслер има само 36 годиниФотографија: picture-alliance / dpa

Автор: АТ/ЕМФ/дпа/ап/епд/дв