1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Röslers Kritik

14 септември 2011

Германскиот министер за стопанство Филип Реслер прв гласно проговори за можен банкрот на Грција. Тоа предизвика пад на курсот на берзите и бран од критики. Петер Штицле во коментарот искажува разбирање за Реслер.

https://p.dw.com/p/12YFt

Требаше ли да молчи Филип Реслер? Не може; како министер за стопанство тој мора да се изјасни во врска со кризата на еврото. Се разбира, можеше да го рече она, што го вели и канцеларот Ангела Меркел - дека сега е битно Грција да се придржува кон дадените ветувања и дека и понатаму ќе добива поддршка, ако ги изврши домашните задачи. Но, што би било, ако тоа не функционира - Реслер се искажа и за тоа: Не смее да има табу-теми; ако е нужно, и регулирана инсолвентност на Грција доаѓа предвид, кога ќе стојат на располагање инструментите што се неопходни за тоа. Тие инструменти треба да бидат содржани во Европскиот механизам за стабилизирање - ЕСМ, но тој треба да профункционира дури кон средината на 2013 година. Значи, земање збор во непогодно време?

Во никој случај, оти Бундестагот веќе годинава треба да даде согласност за востановување на ЕСМ, а кај либералите на Реслер, кај големиот партнер ЦДУ и неговата баварска сестринска партија ЦСУ има многумина скептици. Изјавата на Реслер е сигнал за сите нив: Ве разбираме вас и вашите задршки, но сфатете не‘ и вие нас! На владата и’ се потребни вашите гласови веќе на крајот на септември, кога ќе се гласа за проширување на постоечкиот чадор за спасување, а потоа и на крајот на годината, при глсањето за ЕСМ. Тогаш ќе ги добиеме и инструментите, што ќе овозможат регулирана инсолвентност.

Во демократија спаѓа и партиската политика

Кај Реслер, се разбира, во игра е и партиската политика. Од пред 4 месеци тој е претседател на либералите (ФДП) и во меѓувреме не успеа да ја извлече партијата од кризата на довербата кај избирачите. Наредна шлаканица се заканува в недела, на покраинските избори во Берлин. Реслер мора да се профилира, да стави сопствени акценти. Тоа сега го критикуваат многумина, но партиската политика сепак спаѓа во демократијата која се потпира врз партиите. Во меѓувреме, мнозинство од Германците се сомнева дека Грција ќе се извлече од вителот на долговите и е против постојано давање нови гаранции со германски пари од данокот. Во рамките на ФДП, пак, евроскептиците подготвуваат изјаснување на членството против Европскиот механизам за стабилизирање. Претседател на партија тоа не може да го игнорира.

Deutsche Welle Peter Stützle
Петер Штицле, автор на коментаротФотографија: DW

Слично важи и за претседателот на баварската ЦСУ (Христијанско-социјална унија) Хорст Зехофер. Тој ќе се подложи на реизбор на партискиот конгрес по три недели. Еден таков конгрес е незамислив без заклучок за евро-кризата. Исто така е незамисливо ЦСУ притоа да се откаже од сопствени акценти, ако не сака да се откаже од аспирациите да остане засебна партија, покрај ЦДУ (Христијанско-демократската унија) на Ангела Меркел. Поради тоа сега Зехофер му прискокна на помош на Реслер, што инаку ретко се случува.

Финансиските пазари реагираа нервозно на овие изјави од Германија. Тие сега реагираат нервозно на се’ и сешто. Но, во една демократија неопходните спротивставувања за важни прашања за иднината не можат да се откажат, само за да не бидат вознемирувани пазарите.

Автор: Петер Штицле

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска