1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280610 Bundespräsident Bürger

29 јуни 2010

На 30.06.10 се бира новиот германски претседател. И додека експертите очекуваат тесен исход на гласањето во Сојузното собрание, анкетите на јавното мислење покажуваат дека апсолутен фаворит на граѓаните е Јоахим Гаук.

https://p.dw.com/p/O54v
Кој ќе биде иден претседател: Јоахим Гаук (десно) или Кристијан Вулф?Фотографија: AP

Репрезентативни испитувања на јавното мнение во Германија покажуваат дека граѓаните посакуваат да добијат претседател кој ќе има авторитет и уверлив настап, но исто така ќе зазема и јасен став по најважните општествени теми. Високи очекувања од новиот претседател имаат и граѓаните на Бон, како на пример еден студент. „Тој мора пред се’ да биде натпартиски ориентиран и мора на одреден начин да може да го застапува мнозинството германски граѓани. Тој исто така би требало да задоволува високи морални критериуми.“

Една минувачка очекува уште нешто: „Мора да има срце и душа и да се движи меѓу обичните граѓани за да може воопшто да сфати што сакаме, а што не!“

Horst Koehler
Изборот на нов претседател стана нeопходен по ненадејната оставка на Хорст КелерФотографија: AP

Репрезентант во странство

Еден постар господин потсетува на важната улога на претседателот на државата како нејзин преставник во странство: „Сметам дека треба да служи за пример, отворено да им приоѓа на луѓето, но исто така и да ја претставува земјата во странство. Тоа не треба да биде со сјај и помпа, туку на скромен начин. Мислам дека на секоја земја и’ треба некој таков претставник. Штотуку видовме за време на венчавката на принцезата во Стокхолм како постарата генерација во Германија реагираше со одушевување и како луѓето велеа: такво нешто ни‘ треба и нам. Јас лично мислам дека не ни‘ треба кралско семејство, ама ни‘ треба некоја фигура што може да не’ претставува во странство - впрочем како и секој друг народ.“

Може ли и без претседател?

На прашањето дали не би можела Германија да се откаже од функцијата претседател на државата, бидејќи тој има пред се’ репрезентативна, а не одлучувачка улога, студентот вели: „Токму во денешните општества, кои ги карактеризира растечка поделеност, и кои не се веќе така хомогени како порано, сметам дека е неопходна фигура на интеграција, која помага да се оствари соработка во општеството...“

Christian Wulff
Премиер на покраинската влада за Долна Саксонија и сопартиец на канцеларката: Кристијан ВулфФотографија: picture alliance / dpa

И овојпат спроти изборот на нов претседател во Германија се дискутира многу околу тоа дали не треба тој да се бира на директни избори, а не преку Сојузното собрание, во кое седат делегати. Според анкетите на јавното мислење, Германците би сакале самите да го бираат претседателот. Но, има секако и гласови кои го зборуваат токму спротивното: „Мислам дека нема толку многу луѓе кои се занимаваат со таа тема, така што не верувам дека би имало некоја разлика...“

Директна или индиректна демократија?

Студентот, напротив, смета дека директниот избор не би бил воопшто лоша идеја, бидејќи на тој начин би се зголемило учеството на граѓаните во одлучувачките процеси. Постариот господин не се согласува со него и посочува на опасностите што се кријат во директната демократија:

Berlin Joachim Gauck
Пастор и борец за човекови права: Јоахим ГаукФотографија: DW

„Мислам дека е подобро да не се бира директно. Се плашам дека на тој начин ќе добиеме уште една предизборна кампања, а тоа би го нарушило достоинството на функцијата.“

Запрашани конкретно кој е нивен фаворит, Кристијан Вулф од владеачката партија ЦДУ или кандидатот на опозиционите социјалдемократи и зелени, Јоахим Гаук, граѓаните имаат јасен одговор: Јоахим Гаук!

Такво е мислењето и на мнозинството германски граѓани. Според истражувањата на јавното мислење Гаук, мерено според омиленоста, води. Кога граѓаните би имале право директно да го избираат новиот претседател, тогаш тој секако би се викал Јоахим Гаук.

Автор: Миника Дитрих/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска