1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому му припаѓа блажената Мајка Тереза?

Михаел Мартенс2 февруари 2009

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека музејот на Мајка Тереза во Македонија му служи и на националното самопотврдување во еден регион, во кој јазичката и етничката припадност често пати само се конструирани.

https://p.dw.com/p/Glp1
Мајка ТерезаФотографија: picture-alliance / united archives

„На Македонците не им е лесно со нивните соседи. Во Грција се тврди дека само Грк може да биде Македонец, инаетливите Словени од другата страна на границата, напротив, биле хистерични Бугари, кои Тито во југословенските времиња ги убедил во нивното македонство. Во таквата претстава помага и Бугарија, а во Косово и Албанија се интересираат само за албанската четвртина од населението на Македонија, кое пак, се чини, млако се идентификува со македонската држава, оти долго време се сметаше дека е изолирано.

Од Србија, навистина, во меѓувреме поретко може да се слушне борбениот повик дека Македонците се јужни Срби, порано специјалитет на српските националисти од типот на обвинетиот за воени злосторства Шешељ, но тоа не ги менува многу работите: соседството, без да биде барано тоа од него, постојано става прашалник зад проектот Македонија , толку голем, колку огромниот христијански крст на ридот над Скопје, кој ноќе надалеку упадливо сведочи за грчевитите обиди на Македонците, да го одбранат својот идентитет од туѓи толкувања“, се вели во уводот на написот.

Заблудите за историјата на државата

Авторот на текстот Мартенс, во продолжение известува за деновиве отворената спомен-куќа за Мајка Тереза во Скопје, за да констатира дека и таа е „натамошен обид на Македонците да ја штитат својата историја од непријателски обиди да им биде преземена“. Тој зборува за недоразбирањата, кога е пишувано за местото на раѓање на Мајка Тереза: некаде е тоа „во Скопје, Србија“, на друго место „во албанското Скопје“, на трето „На Балканот, во Скопје“. Понатаму во прилогот се вели:

„Колку и да се чини споредно прашањето за местото на нејзиното раѓање - во споредба со нејзиното животно дело, толку карактеристични се заблудите за историјата на државата, чиј главен град денес е Скопје. Кога беше родена Агнеса Гонџа Бојаџиу, се’ уште немаше држава Македонија, а таа област ни тогаш, ниту подоцна не припаѓаше кон Србија или Албанија, иако повремено со неа владееше Белград. На картите од тоа време Скопје најчесто се појавува со турското име Ускуп, оти во 1910-та уште припѓаше кон Отоманското царство. Кај Карл Мај, пак, се зборува за ’Ускуп, кого Бугарите го нарекуваат Скопје‘. Што знаеше Европа околу 1910 година за ’Македонија‘, прегледно може да се прочита во мемоарите на австрискиот генерал и дипломат, баронот Владимир Гисл, објавени во 1927 година: „За Турците поопасни од критското, ерменското и арапското прашање, беа непрестаните борби во Македонија, оти тие се случуваа во внатрешноста на царството, во загрижувачка билизина до неговото срце. Поминаа години макотрпна работа, додека првенствено врз основа на повеќекратните патувања и истражувања составив карта на етничката смеса во Македонија“.

Mutter Theresa
Мајка ТерезаФотографија: AP

Но, кого открил баронот Гисл при неговите патувања низ регионот? Македонци, во секој случај не, туку пред се’ Бугари, Срби или поединечни Грци. Процесот на формирање словенско-македонска нација, имено, одвај да бил започнат и многумина православни Словени од регионот, во зависност од политичката ситуација, и навистина се означувале како Бугари или Срби. Имало и зачетоци на словенско-македонска национална свест, но во формата во која таа денес егзистира, беше поттикната дури во Титова Југославија, делум и дури и конструирана.

Josip Broz Tito
Јосип Броз ТитоФотографија: AP

На Тито му требаше македонска нација за да го разграничи уделот на Белград во пленот од историскиот регион против бугарските аспирации. Притоа нему добро му дојде што словенските Македонци фактички развија еден барем регионален идентитет и најдоцна од Втората светска војна веќе не сакаа да бидат Бугари. Значи, не е за чудо што со оглед на оваа заплетканост има недоразбирања околу родното место на жената која подоцна стана Мајка Тереза - и не е за чудо ни што Македонците својот национален идентитет постојано мораат да го бранат од своите соседи“.

Кревок и нецелосен процес

„Во оставнината од Мајка Тереза се наоѓа идниција за тоа, колку кревок и нецелосен бил процесот на формирање на македонската нација и во времето на нејзината младост, кога Македонија припаѓаше кон кралска Југославија. Како 18-годишна, таа во едно писмо пишува: „Го завршив петтиот клас, од јазици зборувам албански како мајчин, и српски“. Значи, самата го нарече ’српски‘ словенскиот јазик што го зборувала, а не ’македонски‘, или како што тврдат некои поради нејзината католичка вера, ’хрватски‘.

Но, денес на Македонците Мајка Тереза не им ја оспоруваат во Белград, туку во Тирана и Приштина, со аргумент дека таа, конечно, била Албанка. Во 2003 година се покажа посебно јасно дека албанските интелектуалци нема на Македонците без борба да им ја препуштат потенцијалната светица. Тогаш се разгоре спор околу планираното поставување споменик во Рим, со кој Македонија сакаше да и’ искаже почест на носителката на Нобеловата награда за мир од 1979, како на ’својата ќерка Гонџа Бојаџиу‘. Албанскиот писател Исмаил Кадаре зборуваше за ’циничен акт‘, кој е во врска со антиалбанскиот расизам во Европа“, се вели на крајот од написот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.