1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

241110 Nordkorea China

25 ноември 2010

Пекинг со години дипломатски и економски го поддржува изолираниот и сиромашен сосед. Сепак, ниту односите меѓу Кина и Северна Кореја не се без проблеми. Западот бара од Пекинг да го зголеми притисокот врз Пјонгјанг.

https://p.dw.com/p/QHtE
Ким Јонг Ил на посета кај Ху ЃинтаоФотографија: AP

Градот Дандонг на североистокот од Кина е најдобриот пример за пријателството меѓу Кина и Северна Кореја. Преку мостот на реката Јалу поминуваат десетици камиони и возови од Кина кон Северна Кореја и назад. Пјонгјанг во голема мера зависи од Пекинг - почнувајќи од прехранбени производи, па се` до испораките на нафта.

Ниту една друга земја нема толку големо влијание врз Северна Кореја како Кина, вели професорот Ниу Јун од Универзитет за меѓународни студии во Пекинг. Меѓутоа, тоа влијание не е апсолутно. Сепак, ако Северна Кореја не ја слуша Кина - не и` останува никој друг. Дури и на Пјонгјанг му е потребен минимум меѓународна поддршка. На пример, во Советот за безбедност на ОН, Кина во повеќе наврати успеа да спречи многу поостри санкции против соседот, дури и по атомските тестови во 2006 и 2009 година, исфрлањето на инспекторите за атомска енергија и откажувањето од шестпартитните преговори.

Ким Јонг Ил не им верува на Кинезите

Притоа, постојаните провокации од Пјонгјанг им одат на штета на кинеските интереси. Затоа и покрај тесните врски меѓу двете земји, влијанието на Кина врз севернокорејските власти не треба да се преценува, вели британскиот експерт Џаспер Бекер: „Ким Јонг Ил не им верува на Кинезите. Тие немаат пристап до неговите најтесни кругови и не влијаат врз процесот на донесување на неговите одлуки. Исклучени се од тоа. Ким Јонг Ил исто така одбива да го следи примерот на Кина за отворање на пазарите“, нагласува Бекер.

Südkorea Insel Yeonpyeong Beschuss durch Nordkorea Flash-Galerie
Најновите тензии меѓу Северна и Јужна Кореја ја загрижуваат меѓународната заедницаФотографија: AP

Северна Кореја како тампон-зона за Кина

По најновиот инцидент на корејскиот полуостров, со нападот на Северна Кореја врз остров на јужниот сосед, повторно се зборува за зголемување на притисокот врз Пјонгјанг, ако треба и со нови економски санкции. Меѓутоа, Кина стравува дека тоа би можело да доведе до нестабилност во Северна Кореја. „Ако земјата се распадне, тогаш ние ќе ги сносиме последиците“, вели професорот Ши Јингхонг од Народниот универзитет во Пекинг. Тоа мора да се спречи со сите сили, бидејќи ако дојде до нов бран гладување или колапс на Северна Кореја, Кина ќе се соочи со лавина бегалци на границата кај градот Дандонг.

За Кина не е поволно решение ниту обединување на Северна со Јужна Кореја, бидејќи за неа Северна Кореја претставува тампон-зона. Ако корејскиот полуостров повторно се обедини, тогаш американските трупи би биле распоредени директно на кинеската граница. Затоа, Пекинг се обидува да ја држи ситуацијата во статус кво. Не негува особено големи симпатии кон Ким Јонг Ил и неговото семејство, но истовремено се спротивставува и на желбата на Вашингтон, да изврши поголем притисок врз Пјонгјанг.

Автор: Рут Кирхнер/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска