1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно остро против Турција

21 јули 2017

Сега веќе деветмина германски државјани седат во турските затвори под, и повеќе од проблематични обвинувања. Сега и Берлин, конечно, одлучи поостро да тргне против Ердоган. Конечно, иако резултатот е под прашалник.

https://p.dw.com/p/2gvNb
Symbolbild Deutschland & Türkei Tourismus
Фотографија: Imago/Müller-Stauffenberg

Германската влада конечно нешто презеде и ѝ се спротивстави на Турција. А тоа беше одамна потребно. Бидејќи имаше и други можности. Но, она што е важно: германската страна за првпат јасно покажува дека веќе не полага само на вербални предупредувања. А министерот за надворешни работи Зигмар Габриел исто така потврди дека на таа тема постои согласност со коалицискиот партнер ЦДУ, дури и во деновите пред парламентарните избори.
Веќе со месеци, Турција се однесува кон уапсените германски државјани на начин кој е незамислив во која било држава на ЕУ, и кој со било која друга земја на ЕУ би довел до сериозна дипломатска криза. Девет од вкупно 22 германски државјани на Германија сѐ уште седат во турските истражни затвори. Најпознатите случаи се неодамна уапсениот соработник на Амнести интернешнл, Петер Штојтнер, и од пред 157 денови уапсените: новинарот Дениз Јуџел и преведувачката Месаел Толу кои се обвинети за „пропаганда на теророт“. Германскиот министер во тој поглед беше јасен: „Затворени се поради неправда која секого може да го погоди“.

Упорна провокација

Во глобализираниот свет стана речиси секојдневие некој германски државјанин од разни причини, некаде во светот, да биде уапсен: поради насилство, сообраќаен прекршок или полов напад, сеедно, но тоа е дел од дипломатската работа. Но, сега се работи за нешто друго: „Мораме по секоја цена да истраеме на, по меѓународното право, гарантираниот контакт со конзуларните претставници за овие затвореници“, вели Габриел. Бидејќи, за дипломатијата, во овој случај се работи за непријателски чин и упорна провокација. И за министерот за надворешни работи и за канцеларката. Но, тука се работи и за нешто повеќе. Се работи за напуштање на темелните европски вредности, за крах на правната држава. На крајот, се работи за демократијата.

Strack Christoph Kommentarbild App
Кристоф ШтракФотографија: DW

Дали, со оглед на сето тоа, се доволни мерките на предупредување кои беа издадени за патување во Турција и повлекувањето на владините гаранции за извоз во Турција? Поострото предупредување на германското Министерство за надворешни работи за патниците во Турција делува како детал. Во овој облик, тоа важи и за уште 25 други земји и не е категорично - можеби тука треба да се земе предвид и стравот од барања за обесштетување од туристичките агенции. Но, од реченицата „на лицата кои од лични или бизнис причини патуваат во Турција им се советува и во случај на покус престој да се јават во дипломатските претставништва на Германија за да бидат запишани во пописот на граѓани кои се наоѓаат во земјата“, јасно се чита предупредувањето дека Турција не значи само сончани плажи. Секое патување е ризик. А тоа треба да се избегнува.

И најавата на Габриел дека ќе дојде до „промена на насоките“ за гаранциите кои Германија им ги дава на домашните компании при извозот во Турција ќе има последици. Далеку поголеми за Турција отколку за германското стопанство, кое е во одлична кондиција. Тоа е порака до стопанството дека Берлин веќе не ѝ верува на Анкара. Што се однесува до германскиот извоз, министерот очекува „значително намалување“, но не и сериозно пореметување.

Вредностите имаат цена

Држењето до европските вредности може да има и своја цена. Додека телевизиите ја чекаа изјавата на министерот за надворешни работи, една од нив емитуваше и пропаганден спот за турскиот туризам. Дури и издавачката куќа Шпрингер која се бори за својот дописник Дениз Јуџел во своите изданија, објавува огласи за „ах, толку убавата Турција“. Еднакво иритирачки. Оној кој сака да се држи до некакви вредности, мора да биде подготвен за нив да плати и одредена цена.

На два месеца пред изборите во Германија, значи среде изборна битка, министерот Габриел укажа дека ова е заеднички став на канцеларката Меркел и на нејзиниот ривал Мартин Шулц. Владата и најголемите партии, така делува, одлучно усогласија поостар став кон Турција. Дури на крајот Габриел стави до знаење дека тој, заедно со Шулц, размислувал дури и за поостри мерки против Турција. Во прашање е и царинската унија на Турција со ЕУ, која би можела да се доведе под прашање. Дали социјалдемократите тука ја оставаат вратата подотворена? Или претчувствуваат дека ни овие германски постапки нема особено да ја импресионираат Анкара? Бидејќи, патот на господинот Ердоган веќе одамна води сѐ подалеку од Европа, не само од Германија.