1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупциска афера: истрага против „Сименс“ во САД

12 август 2008

Повеќе од една година американскиот Надзорен одбор на берзата, СЕЦ, врши истрага во корупцискиот скандал со „Сименс“. Сега истрагата се интензивира, се вклучува и американското Министерство за правда.

https://p.dw.com/p/EvK3
Фотографија: DW

Надзорниот одбор на американската берза СЕЦ и самиот е обвиткан со молк. Без коментар за тековната истрага, велат таму. Но, на минхенскиот светски концерн не му се пишува добро. Кој ќе влезе во визирот на САД е виновен се‘ додека не докаже дека е невин, вели еден експерт. Сега се дознава дека Надзорниот одбор на берзата испратил инспектори дури во Минхен, за да ги испрашаат сведоците и обвинетите.

Притоа, не се работи само за обвинувањата за корупција: СЕЦ сака да пронајде дали парите од поткупот се погрешно или воопшто не се прикажани во книговодствениот биланс. Фалсификувањето на билансот во САД не е наивно дело. Адвокатот Роберт Хајм до 1999 година беше директор во СЕЦ, тој смета на висока казна: „Случајот „Сименс “е невообичаено голем, за СЕЦ би можело да с ерече дека досега немало поголем случај, се работи за околу 1 милијарда долари.“

„Сименс“ сака што поскоро завршување на аферата

Џејмс Кокс, професорот по право на Дјук иниверзитетот смета дека во догледно време може да дојде до спогодување:„Сименс“ би сакал што поскоро да ја заврши аферата. Претстојат претседателски избори и можна е смена во Министерството за правда, како и во СЕЦ. Секогаш е подобро да се работи со луѓе кои ги познаваш отколку со непознати.“

Од 2001 година „Сименс“ нотира на Њујоршката берза и затоа мора да се придржува на строгите американски правила за биланс.

Моментот на истрагата за „Сименс“ може не е неповолен: американскиот Надзорен одбор на берзата е жестоко критикуван во врска со финансиската криза. Му се префрлува дека предоцна реагирал за спорните трансакции со кредитите. Додека банките забележија загуби од милијарди долари, Надзорниот одбор на берзата потфрли како регулатор, велат критичарите. Адвокатот Роберт Хајм: „Минатите месеци СЕЦ беше многу критикуван од Конгресот и од инвеститорите. Сега сака да покаже строгост и сериозност и со случајот „Сименс“ да даде сигнал дека нема да попушта против претпријатијата при прекршувањата на правилата.“

Да слегне прашината

Затоа не е исклучено дека СЕЦ со „Сименс“ сака да направи пример. Најпрво околу 3100 адвокати, книговодители и други стручњаци истражуваа само неформално. Но, таа фаза одамна помина. Според американското право, тоа е голема разлика: СЕЦ смее на пример да побара од банките и телефонските компании увид во нивната документација за обвинетите.“

За да се спречи најлошото, „Сименс“ овласти една американска адвокатска канцеларија за интерна истрага. Професорот по право Џејмс Кокс:„За истражителите е важно дека „Сименс“ прави се‘ за да не се повторат вакви случаи. Концернот веќе потроши повеќе милиони долари за интерна истрага. Порано вакви гестови имаа добар ефект, за да слегне малку прашината.“

Паричната казна нема да може да се избегне. Но, може да биде спречено полошото, „Сименс“ евентуално да биде исклучен од добивањето на јавните договори. А со годишен обрт од околу 20 милијарди долари, САД за „Сименс“ се еден од најважните пазари.