1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Медведев?

Тамас Забо2 март 2008

Важи за фаворит на претседателските избори во Русија. За многумина Димитриј Медведев, актуелниот вицепремиер е наследникот на претседателот Владимир Путин. Но, сјајната слика на кандидидатот има и гребнатинки.

https://p.dw.com/p/DGEL
Димитриј МедведевФотографија: picture-alliance/ dpa

Оној кој ќе ја посети веб страницата на претседателскиот кандидат Димитриј Медведев ќе види пријателски, младешки политичар кој се претставува во добро светло. На страната има над 250 фотографии: Медведев на работа, во посета на болници и училишта, приватно со сопругата Светлана на божиќна миса и постојано до рускиот претседател Владимир Путин. Нема сомневање за тоа во која политичка насока ќе ја води Русија Медведев. Уште во декември 2007 кога беше кандидиран како претседателски кандидат, тој нагласи:

„Сметам дека е неопходно, да се продолжи со истиот курс, кој нашава земја го следи во изминатите осум години и кој го избра и за во иднина. Тој курс ја заштити земјата не само од економско и социјално пропаѓање туку и од граѓанска војна. Тоа е курсот на претседателот Путин“.

Медведев е човек од доверба на Путин

Медведев ја има целосната поддршка на Владимир Путин. Двајцата политичари се познаваат од почетокот на 90-те кога работеле заедно во Сент Петерсбург. Путин беше оној кој во 1999 година го донесе Медведев во Москва. Дипломираниот правник му ја предводеше претседателската кампања. Следните чекори во кариерата брзо му се менуваа: Медведев стана шеф на надзорниот одбор во енергетскиот концерн Газпром, потоа шеф на кабинет во Кремљ и на крајот во ноември во 2005 година, вицепремиер во руската влада. На оваа функција во прв ред е задожен за престижни проекти - изградба на станови, проекти поврзани со здравствениот и образованиот систем, земјоделието - области кои се финансиски поддржувани од државата со цел да се подобри социјалната положба на населението. Искуството кое го собра при оваа работа Медведев, го промовираа како човек кој може да преземе повисоки задачи. Во тоа владеачките политичари се единствени, а пред се неговиот ментор, Владимир Путин.

„Димитриј Анатољевич Медведев е апсолутно искрен и стамен човек. Работел на многу важни полиња кои не се едноставни. Со целосна одговорност можам да кажам дека најважните приоритети на Димитриј Медведев се државата и нејзините граѓани“.Сергеј Миронов, претседател на рускиот федеративен совет и шеф на провладината „Праведна Русија“ смета:

„Медведев е одличен правник, кој одлично го познава не само цивилното право туку и во меѓународното право. Исто така добро ги познава и работите во доменот на одбраната и внатрешната безбедност. Накусо:тој е професионалец. А што е најважно за мене, тој му е тесен советник на претседателот Владимир Путин“.

Дали Медведев навистина е безгрешен?

Но, дали од Путин протежираниот Медведев навистина има само позитивни карактеристики? Неприкосновената слика на идеалниот кандидат има гребнатинка: тоа што иако изборите се закажани за 2 март веќе сега се знае дека Медведев ќе биде победникот. Неговите противкандидати се маргинализирани. На изборите нема да се случи демократски натпревар. Набљудувачите од странство со негодување го следат развојот на настаните во Русија. Многумина веќе го познаваат Медведев кој важи за либерален и човек кој немал врски со тајните служби. Германскиот парламентарец од редовите на либералите, Харалд Лајбрехт објаснува од каде доаѓа тоа незадоволство.

„Во секој случај ова нема да бидат демократски избори. Но, во дадените услови овој кандидат е секако најприфатлив. И ние мора да живееме со тоа, без разлика дали ни се допаѓа или не“.

Димитриј Медведев веќе сега доминира во извештаите на руските медиуми - како вицепремиер, како претседателски кандидат и во иднина, без двоумење, како претседател на Руската Федерација.