1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wahl Bundespräsident

1 јули 2010

Партиско-политичките борби за моќ ја оштетија функцијата на која доаѓа кандидатот на владеачката коалиција во Берлин, Кристијан Вулф - смета Марк Кох во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/O7ZQ

Да имаше народот право да го избере новиот претседател на државата, тогаш неговото име немаше да биде Кристијан Вулф. Дури три четвртини од германското население посакуваше на претседателската функција да дојде Јоахим Гаук, кандидатот на опозицијата. Тоа што Гаук не победи на тајното гласање во Сојузното собрание само уште повеќе ќе ги зголеми незадоволството и незаинтересираноста на граѓаните за политиката.

Варијабилна хипотека

При тоа мора да се каже дека изборот на претседател на државата никогаш не бил слободен од хипотеката на партиско-политичките интереси. Но, овој пат партиите очигледно претераа! Тие си дозволија борбата за идниот претседател да се претвори во срамна политичка претстава. Прво, канцеларката Ангела Меркел и нејзините коалициони партнер номинираа кандидат, кој им соодветствуваше најмногу на нивните дневно-политички калкулации во борбата за моќ. Тоа е патем една од причините зошто толкав голем број граѓани не сакаа Кристијан Вулф да стане нов претседател на државата. На партиите на власт се чини дека им е сеедно што мислат граѓаните.

Лукав потег

Deutsche Welle Chefredakteur Marc Koch neu
Авторот на коментарот: Марк КохФотографија: DW

Но, ни двете партии на опозицијата, Социјалдемократската и партијата на Зелените не беа подобри. Тоа што го номинираа Јоахим Гаук, како натпартиска фигура, како свештеник и заслужен борец за човекови права од поранешната Германска Демократска Република, тоа беше многу мудар потег. На тој начин двете опозициски партии создадоа впечаток во јавноста дека сакаат навистина да се најде најдобрата и најпогодната личност за високата функција. Но, реално гледано, номинирањето на Гаук беше само лукав политички потег, со кој требаше да се создаде раскол во владеачката коалиција.

Кандидат без акценти?

На крајот победи кандидатот на партиите со поголем број пратенички места. За ново избраниот претседател Кристијан Вулф меѓутоа не се знае ништо во поглед на политиката што има намера да ја води, односно за политичките акценти што сака да ги истакне во јавноста. Во Германија претседателот ионака според уставот нема голема моќ, туку врши повеќе репрезентативна функција. Но, тој затоа треба да стои над партиско-политичките интереси и треба да им служи на интересите на граѓаните. Ним имено им е потребна ориентација и укажување на перспективите за иднината.

Многумина од претходниците на Кристијан Вулф имаа такви посебни теми: Хорст Келер на пример го сврти вниманието на германската јавност кон проблемите на Африка, Роман Херцог му се посвети на проблемот со образованието во земјата, а Рихард фон Вајцзекер го тематизираше односот на Германците кон сопственото минато. На тој начин сите тие достоинствено ја репрезентираа државата. Патем и поразениот кандидат Јоахим Гаук ќе имаше таква тема - имено слободата.

Партиски претседател

Кај победникот Кристијан Вулф таква тема не се назира. Тој е во прва линија партиски кадар, а неговата идна функција - патем највисоката во државата - така стана жртва на партиско-политичките интереси. Со тоа и’ е нанесена штета и на функцијата. При тоа не е решение изборот на претседателот на државата да му се препушти на народот, бидејќи на новиот претседател би му било многу тешко повторно да ги обедини сите слоеви на општеството по напорната изборна кампања полна со конфликти. Можеби би било подобро да се прашаме: дали на Германија воопшто и’ треба оваа функција?

Автор на коментарот: Марк Кох

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска