1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајот на мај-посакуван термин за решение на спорот за името

11 мај 2018

Од денешните разговори Димитров-Коѕијас и утре со Нимиц, зависи дали Заев и Ципрас на 17 мај во Софија ќе може да навестат дека двете земји се пред решение на спорот. Не е исклучена средба на Меркел со двајцата премиери.

https://p.dw.com/p/2xVpe
Mazedonien Griechischer Außenminister zu Besuch
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Последната недела од мај е (не)формален краен рок до кој е пожелно да се најде решение за спорот, доколку Македонија сака да ги „фати“ роковите кои би можеле да ја придвижат на патот кон ЕУ и до покана од НАТО, тврдат за ДВ извори упатени во динамиката на раговорите за името. Иако ништо не е изгубено ако решението не се постигне до крајот на мај, туку подоцна, бидејќи поканата за НАТО не мора да биде испратена од јулскиот самит на Алијансата, македонската Влада смета дека со решавањето на тој спор во овој период може да се надева дека Европскиот совет во јуни годинава ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори на Македонија.

Роковите се кратки, а според дипломатски извори, дел од влијателните членки на ЕУ изразуваат резерви околу длабочината на реформите во Македонија и битката против криминалот и корупцијата. Но и покрај тоа, доколку спорот биде решен, не е исклучено дека земјата би можела да биде охрабрена со датум за почеток на преговори, со цел, растоварена од дводеценискиот билатерален спор да се фокусира исклучиво на реформската агенда.

Mazedonien Skopje
Дали Македонија ќе ги „фати“ роковите Фотографија: DW/F. Schmitz

Лакмус - утрешната средба

Како лакмус во која насока ќе се одвиваат настаните, се посочува утрешната средба во Атина на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот од ОН, Метју Нимиц. Димитров и Коѕијас уште денеска ќе имаат разговори за можните решнија на маргините на Вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група што се одржува на 60 километри од Атина, во грчкиот град Сунио, познат и како област во која се наоѓа храмот на Посејдон. Таму Димитров вчера пристигна со „охрабрување за заложбите на Владата за наоѓање решение во разговорите со Грција“, искажано од државниот министер надлежен за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија, Михаел Рот.

Повеќе:

Рот: Историска шанса за решавање на спорот за името

„Многу е направено, но прозорецот на можностите е мал. Прашањето за името треба да се реши оваа година, бидејќи во спротивно, статус-кво ситуацијата ќе трае со години. Се надевам дека кога ќе ве посетам следниот пат, ова прашање веќе нема да биде во агендата“, рече Рот.

Во Сунио Димитров веќе се сретна со поранешниот грчки премиер, сега лидер на Сѐгрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу.

„Инспиративна средба со Папандреу за иднината на нашите две земји кои имаат историска можност во блиска иднина да станат сојузници. Историјата е важна. Но ние можеме да ја промениме само иднината“, напиша Димитров на неговиот Твитер профил по средбата со Папандреу.

Повеќе: 

Димитров-Коѕијас: „Филиграните“ бараат трпение и прецизност за името

Поважна од таа средба ќе биде денешната со Коѕијас и утрешната заедничка со Нимиц. Од тоа дали двајцата министри ќе ги придвижат работите, ќе зависи и дали премиерите Заев и Ципрас пет дена подоцна во Софија ќе може да навестат дека двете земји се на чекор до решение. Односно, дали нивната претходно планирана средба на маргините на самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија на 17-ти мај, ќе се претвори во нешто повеќе од тоа. Според дипломатски извори, не е исклучено, Ципрас и Заев во Софија да имаат средба со германската канцеларка Ангела Меркел, што би било „дополнително охрабрување до двете земји да преземат храбри и визионерски чекори, во интерес на стабилноста на регионот и на идното партнерство во ЕУ“. Премиерот Заев пред една недела изјави дека верува оти Македонија и Грција можат да постигнат решение до крајот на јуни.

„Но, би сакал да постигнеме решение дури и до Самитот на ЕУ и Западен Балкан (17/18 мај). Кога веќе направивме сериозни чекори, ве уверувам дека движејќи се кон она што ни е важно, а тоа е да го сочуваме достоинството и идентитетот и на нашата и на грчката страна, ќе се обидеме да го постигнеме решението кое на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со ЕУ. Верувам дека заслужуваме. Знам дека ги исполнуваме условите, прашањето е политичко, но и политичките прашања треба да ги решаваме“, рече Заев.

Mazedonien Skopje Alexander der Große Skulptur
Грција очекува притисок врз северниот соседФотографија: DW/F. Schmitz

Притисок врз Македонија

И додека македонската јавност очекува Грција да биде ставена под притисок за да се откаже од максималистичкото барање - опсег на употреба на името ерга омнес (и за меѓународна и за внатрешена употреба), што би имплицирало измени во македонскиот Устав, во Грција очекуваат таков притисок да биде извршен врз северниот сосед. 

„Не е доволно луѓето од ПЈРМ да усвојат сложено име за 'меѓународна комуникација'“, се вели во коментар на „Катимерини“.
„За да се постигне овој договор, уставното име на земјата треба да се смени. Навистина, тоа не е лесно. Владејачката коалиција го нема потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Точно е дека друга влада или зголемено парламентарно мнозинство во иднина би можеле повторно да го променат. Во овој контекст, ОН и силните сојузници и партнери, кои од различни причини сакаат да го решат ова прашање, треба да извршат влијание, за да се постигне согласност името да се применува секаде. И да, ќе биде врамено со меѓународен договор кој всушност ќе биде дополнителна заштита“, се вели во коментарот.


Според авторот, „САД и ЕУ може да ги убедат партиите и граѓаните на соседната држава, кои со нетрпение го очекуваат интеграција во евроатлантските институции, да прифатат промена на Уставот, бидејќи тоа ќе биде клуч за просперитет и безбедност“.

„Потребата за усвојување име за сите употреби - внатрешна, во транснационални односи и во меѓународни организации - не е претерување. Тоа е очигледен, одлучувачки чекор кон дефинитивно и одржливо решение“, се вели во коментарот.

Грчките медиуми во претходните денови потсетуваа дека Македонија има два аргумента против уставна промена. Едниот е политички, поради тоа што „Владата нема двотретинско мнозинство во Собранието“, а вториот е правен аргумент, затоа што „највисокиот суд на земјата никогаш не пресудил дека меѓународните договори се подредени на Уставот“. Но, потенцираат дека сепак „решението е во рацете на Ципрас и Заев“ и дека клучен датум ќе биде 17 мај во Софија.

Премиерот Заев и вицепремиерката Шекеринска, досега во неколку наврати изјавуваа дека „ако се реши спорот, ќе се реши во фотофиниш“. Дали „фотофинишот“ ќе биде во Софија, ќе биде поизвесно по утрешните разговори во Атина, но и од дополнителни дипломатски охрабрувања за време на мајскиот Самит. Со други зборови, кратките рокови до крајот на мај може да бидат одлучувачки за долгорочната иднина на Македонија.