1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220611 Wohlhabende Griechen Krise

23 јуни 2011

Од мерките за штедење поради кризата во Грција не се погодени само пензионерите и луѓето што заработуваат малку, туку и многумина од богатите мора да се збогуваат од омилените привилегии, или наново да се преориентираат

https://p.dw.com/p/11hBf
Фотографија: fotolia/DW

Јоргос Флесас е претприемач за пример и човек што самиот се пробил во животот. Со сопствени сили стигнал онаму каде што е денеска - води група претпријатија кои се активни во сферата на маркетингот и односи со јавноста и кои експандираат во Југоисточна Европа. Но и атинскиот претприемач има само лоши вести. Тој стравува дека вонредната ситуација во Грција ќе трае уште најмалку пет години, зашто недостигаат импулси за пораст, а освен тоа и товарот на кризата е неправедно распореден:

„Најголемата неправда е немоќта на државата да се справи со даночните грешници. Додека службениците, пензионерите и приватните лица се оданочуваат на целиот приход, други групи, како слободните соработници, се и натаму поштедени. Тука вина сносат и обичните луѓе, зашто малите претпријатија и оние што заработуваат самостојно често се движат во сива даночна зона. Наспроти тоа, големите фирми имаат солидно книговодство и нивните документи се подложуваат на проверка од страна на квалификувани лица.“

„Вистината е на средина“

Богатите значи, сепак не се виновни за економската мизерија на земјата, иако фрустрираната „генерација 700 евра“ во земјата го тврди токму тоа. Што е со атинскиот ноќен живот или луксузните јахти во пристаништето во Пирејa, кои им паѓаат в очи постојано и на германските посетители? Флесас предупредува дека не треба да се извлекуваат избрзани заклучоци:

Товарот на кризата е неправедно распределен, вели Флесас
Товарот на кризата е неправедно распределен, вели ФлесасФотографија: DW

„Вистината и тука е некаде на средина. Се разбира дека сето тоа е индиција за размерите на сивата економија, но мора да се размислува и поинаку - менталитетот на Грците е таков што тие повеќе би штеделе на јадење или облека само за да имаат пари да испијат пијалок со добрите пријатели. А, што се однесува до пристаништето за јахтите - поради големиот број острови, Грција привлекува јахти од цел свет и многу од нив мора да се прикотват во пристаништето во Пирејa, затоа што организацијата на морнарицата по прашањето на јахтите е лоша.“

Барање нов почеток

Насекаде во Атина има нелегални трговци и питачи
Насекаде во Атина има нелегални трговци и питачиФотографија: picture alliance / dpa

Еден од богатите во Грција е и Панагис Карелас, потомок на позната претприемачка фамилија која парите ги има направено во текстилната индустрија. Денес ја води Атинската трговска комора и бара можност за нов почеток во делот на услужни дејности. Уште пред кризата грчката текстилна индустрија, која некогаш цутеше, веќе не беше конкурентна. Карелас вели дека рецесијата сега ја има зафатено и трговијата на мало:

„Во центарот на Атина се затвори речиси секоја четврта продавница затоа што потрошувачите немаат пари за купување. И вкупната слика во грчкиот главен град не мами на купување, затоа што насекаде има илегални трговци и питачи.“

„За политичарите е најважна власта“

Карелас, кој е дипломиран економист, не се третира себеси премногу сериозно. Тој претпочита да каже дека економијата всушност не е наука. Според него, многу нешта зависат од политиката, но политичарите воопшто не ја осознале сериозноста на ситуацијата:

„Тие носат одлуки кои не‘ погаѓаат сите, но или ја потиснуваат реалноста или свесно не ја кажуваат вистината. Тоа, за жал, важи за сите политичари, за кои борбата за власт е најважното нешто.“

Автор: Јанис Пападимитриу / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски