1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критика до Италија во писмена форма!

30 јуни 2010

Критики на сметка на политика на италијанската влада кон доселениците има многу, но сега за првпат критиката е објавена во книга. Автор е портпаролката на Комесарот за бегалци на ОН за Италија, Лаура Болдрини.

https://p.dw.com/p/O60A
Болдрини ја раскажува вистинската приказна за бегалците во ИталијаФотографија: AP

„Сите назад, без разлика, без идентификација, жени и деца, едноставно сите, како божем од оваа страна на Средоземното море да нема повеќе разлики,“ вака го објаснува Лаура Болдрини насловот на нејзината книга за италијанската бегалска политика „Tutti Indietro“, што во превод значи: „Сите назад“. Насловот е алузија на одлуката на владата на Силвио Берлускони од мај 2009 година сите бегалци што дошле со бродови, без разлика на личната приказна, веднаш по пристигнувањето да се вратат назад во Либија, земја каде не постои право на азил. Но, „Tutti Indietro“, вели Болдрини има и друго значење: „’Сите назад’ се однесува и на оние Италијанци, кои сметаат дека е добро што се случува тоа и се радуваат што бегалскиот камп на Лампедуза е празен. Тие ова дури го сметаат за победа. Но, јас го сметам тоа за голем чекор назад. Ние го губиме контактот со нашата цивилизација, која е заснована врз владеењето на правото, врз почитта кон другите, врз човечноста и солидарноста. Сите овие вредности сега едноставо исчезнуваат.“

Лаура Болдрини во Италија е многу позната личност

Flüchtlingslager in Lampedusa
Едвај на половината баратели на азил во Лампедуза им се одговара позитивноФотографија: picture-alliance / dpa

Како портпаролка на Високиот комесаријат за бегалци при ОН таа е присутна речиси во сите медуими кога станува збор за темата бегалци. Таа е и првата висока функционерка на ОН, која напишала книга за работата со бегалците. Во книгата таа раскрстува со неколку невистини, меѓу другото и со легендата, која најчесто ја раскажуваат домашните политичари, имено дека Италија е единствената земја, која е преплавена со бегалци. Болдрини врз основа на бројки докажува дека други земји, како Германија на пример, прифаќаат многу повеќе беглаци: „Овие лица се жртви на насилство, конфликти и прогонување. Но, штом ќе стапнат со нога на Лампедуза нашите власти веднаш ги стилизираат во неверојатна закана за безбедноста на земјата. Мене ми се познати повеќе лични приказни, затоа чувствувам одговорност кон оние што ќе ја читаат книгата да им ја кажам и другата верзија на фактите, што ним не им е позната.“

Лаура Болдрини особено е погодена од фактот што не се прави разлика меѓу илегални доселеници, бегалци со бродови, економски бегалци и баратели на азил. Околу 70 проценти од оние кои доаѓаат преку морето поднесуваат барање за азил. А половината од овие барања се одобруваат. Но, актуелната политика на одбивање на италијанска влада води кон тоа луѓето воопшто да немаат можност да поднесат барање за азил. Во „Tutti Indietro“ Болдрини пишува опширно за случките во камповите со бегалци на островот Лампедуза. Таа наведува поединечни судбини на луѓе како што е Авганистанецот Сајед или Сомалиецот Мохамед.

Станува збор за книга богата со многу факти

Illegale Immigranten auf Lampedusa
Илегалните бегалци на Лампедуза живеат во неверојатно лоши условиФотографија: dpa - Fotoreport

Портпаролката на УНХЦР Болдрини во неа прави биланс на ситуацијата, но истовремено книгата е еден вид пледоаје за хуманоста. Болдрини аргументирано го критикува однесувањето на италијанскиот министер за внатрешни работи, кој доаѓа од третата по големија партија во Италија „Лига север“ и кој се донесува според принципот: доколку нема телевизиски снимки од бегалскиот камп во Лампедуза, проблемот со бегалците е решен: „Ако се суди по изјавите на владата, битката со илегалното доселување е добиена. Но, таквиот пристап претставува само замачкување на очите на јавноста. Се’ уште доаѓаат голем број бегалци, исто како и досега, само сега пристигаат со нормална туристичка виза, која по некое време едноставно истекува, а тие остануваат нелегално во земјата. Она што при тоа најмногу страда, тоа е правото на азил во Италија,“ нагласува авторката на книгата „Tutti Indietro“, Лаура Болдрини.

Автор: Штефан Трендле/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Алекснадра Трајковска