1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кумуцакос: Пресудата од Хаг нема да промени ништо во одлуката од Букурешт

16 декември 2011

Грција ќе ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, но тоа нема да промени ништо во одлуката донесена во Букурешт на самитот на НАТО, оценува европратеникот Јоргос Кумуцакос.

https://p.dw.com/p/13Tyb
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Грчкиот европратеник од редовите на Нова Демократија и долгогодишен портпарол на грчкото Mинистерство за надворешни работи, Јоргос Кумуцакос за Дојче веле, истакнува дека Грција, која како референца го има почитувањето на меѓународното право, ќе ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата од Хаг.

„Но, исто така е јасно дека оваа пресуда на Судот нема да промени и измени ништо во важноста на едногласната одлука донесена од шефовите на држави и влади на НАТО, на самитот во Букурешт во 2008 и повторена на самитот во 2009 и 2010. Кога во одлуката на Алијансата јасно беше речено цитирам: ‘Поранешната Југословенска Република Македонија ќе биде поканета да стане членка на НАТО, откако ќе најде заемно прифатливо решение за прашањето со името’ “, вели европратеникот Кумуцакос.

Ниту оптимизам, ниту песимизам за почетокот на преговорите

Ова според Кумуцакос е „скапоцен адут на грчката дипломатија“, со кој таа се стекна во текот на преговорите под закрила на ООН, затоа Грција одлуката од Букурешт треба да ја зачува со сите потребни напори. За да се избегнат сите можни недоразбирања, тој нагласува „Потребно е да се зачува конструктивна и поволна клима за преговорите кои се во тек под закрила на ООН.“

Запрашан дали е оптимист дека наскоро ќе биде најдено решение за името, тој одговара: „Не сакам да бидам ниту оптимист, ниту песимист, сакам да бидам реалист. Гледам дека во наредните месеци до средината на 2012 година, со политичкиот развој кој го имаме во Грција, ќе биде тешко да се дојде до резултат прифатлив од двете страни, нешто што го бараме од пред дваесет години. Од друга страна можам да ви признам дека сигналите и пораките кои ги добиваме од владата на Груевски не се охрабрувачки.“

Јоргос Кумуцакос верува дека ако се направи потребното и ако има добра волја ќе бидат постиганти резултати за почеток на преговорите во ЕУ. „Во спротивно, ситуацијата, која се однесува за почетокот на преговорите нема да се промени“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска