1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Курдите во Сирија се здружуваат со Асад

ЖА / агенции
19 февруари 2018

Курдската милиција ИПГ влегува во сојуз со сирискиот претседател Асад против заедничкиот непријател - Турција и нејзината воена офанзива во Африн.

https://p.dw.com/p/2suTY
Türkei Grneze Syrien Afrin Angriff
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

Курдите во северниот дел од Сирија, Африн, нападнати од турската армија, ги здружуваат своите сили со сириската војска против Анкара. Сириската армија ќе стационира свои војници во регионот Африн, изјави високиот по ранг курдски претставник Бадран Џиа Курд за новинската агенција Ројтерс. Договорот засега има чисто воена природа, Курдите од Африн деновиве ја повикаа сириската војска напомош поради турската офанзива во регионот, која трае од јануари.  Целта на офанзивата во соседната држава, според владата од Анкара, е протерување на курдските милиции од близината на турско-сириската граница.  Курдите и сириското раководство пак сакаат да го спречат ширењето на турското влијание. 

Syrien Afrin FSA Kämpfer
Нови воени сојузи во СиријаФотографија: picture-alliance/abaca/H. Al Homsi

Анкара демантира напад со гас

Турција ги отфрли како целосно неосновани неодамнешните обвинувања дека нејзината војска во воената операција против курдската милиција ИПГ во Африн употребила отровен гас.

„Турција никогаш не користела хемиско оружје. Во операцијата 'Маслиново гранче' во Сирија постои максимална внимателност да не се повредуваат цивили“, изјави турски дипломат на маргините на вчера завршената тридневна Минхенска безбедносна конференција.

ИПГ тврди дека располага со докази за турски напад со отровен гас во село во Африн, во близина на границата со Турција, во кој во петокот биле повредени шест лица. Кај нив биле констатирани проблеми со дишењето и други симптоми на труење со отровен гас. Слични тврдења изнесе и блиската на опозицијата Сириска опсерваторија за човекови права, како и сириската државна новинска агенција Сана, повикувајќи се на лекарски изјави.

Повеќе на темата: 

САД и Турција на курс на деескалација

Загатката за руските загуби во Сирија

Слободниот пад на „Слободната сириска армија“

САД против автономија на Курдите

ИПГ и нејзините сојузници од почетокот на востанието против сирискиот претседател Башар ал-Асад во 2011. година, создадоа три автономни региони во северна Сирија, меѓу кои е и Африн. Влијанието на ИПГ порасна откако застана на чело на Сириските демократски воени сили и успешно ѝ се спротивстави на терористичката организација Исламска држава. Поддршката која САД ја пружаат на ИПГ и турската офанзива во Африн предизвикаа кавга меѓу НАТО-партнерите Турција и САД. Вашингтон меѓутоа ги отфрла плановите за автономија на сириските Курди, исто како и Асад, кој ја има поддршката од Русија и од Иран.