1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легитимацијата на Алек Вучиќ Први

Драгослав Дедовиќ
23 јуни 2017

Фарса на француски прво означувала сецкан ситнеж за полнење птици. На оваа инаугурација недостига уште само Џони Штулиќ да запее: „Зошто бараш харизма во себе, полнета птицо?“

https://p.dw.com/p/2fGy1
Serbien Aleksandar Vucic ist neuer Präsident
Фотографија: REUTERS/M. Djurica

Александар Вучиќ, за пријателите уште од хулиганскиот период - Алек, веќе имаше работна инаугурација како претседател на Србија со полагање заклетва на последниот ден од мај. Но, тоа на Алек не му е доволно. Тој го покани регионот и светот, велат 5.000 гости, за како староримскиот колегиум на аугурите - свештеници кои прорекуваат дали некој потфат ќе биде успешен - да ги консултира боговите и така однапред да биде аминувано сѐ што на Алек ќе му падне на ум.

Меѓу аугурите се разбира - како на погребот на Тито - се измешани автократи и демократи, мали и големи Калигули. Од Германија доаѓа поранешниот канцелар Шредер, за кој никогаш не се знае што застапува - Путиновата нафта, себе самиот за добар советнички хонорар или по малку - целата германска држава. На тој начин, помпата која Вучиќ ќе ја произведе е споредлива со онаа која ја сакаше Јосип Броз.

„Хегел на некое место има зебележано дека сите големи светско-историски факти и личности се повторуваат по два пати. Тој заборавил да додаде: првиот пат како трагедија, а вториот како фарса“, запишал Карл Маркс. Се разбира, имавме прилично големка трагедија поврзана со Тито и неговото наследство. Дојде време за фарса. Вучиќевите аугури ќе бидат фигури во мегаломанска инсценација на местото каде некогаш заседаваше владата на Југославија.

А ходниците на „Палата Србија“ ќе ги краси богатството од српските музеи, зашто ни Алек не е тиква без корен. Адам од Лепенски вир и 17 римски императори родени во Србија со директна интервенција на претседателот се вметнати како мртви аугури за кај живите да го распрснат секој сомнеж во судбинската одредба на избраниот претседател. Добро, изложбата за римските императори може да се сфати и како реклама за српскиот туризам. Само, тоа сепак повеќе би била изложба за љубителите на хоророт: од тие 17 императори двајца умреле од чума, еден е убиен на бојно поле, четворица биле убиени од нивните преторијанци, еден е погубен, двајца извршиле самоубиство, еден умрел по едногодишно владеење, за шестмина и нема некои точни информации.

Останал само нишлијата Константин Велики, па можеме да се обложиме дека Алек мисли на него кога мисли на себе.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Фарса на француски прво значела сецкан ситнеж за полнење птици. Подоцна, зборот почнал да се употребува како метафора за театарски „зачини“ и досетки од кои настанале лесни претстави во кои хуморот е драстичен и евтин. Значи, вкупната претстава навистина ќе има фарсични елементи во однос на историската, трагична подлога. Евтина помпа за скапи пари. На оваа инаугурација недостига уште само Бранимир Џони Штулиќ со рапав холандски глас да запее: „Зошто бараш харизма во себе, полнета птицо?“

И, што?

Медиумите ќе го преџвакуваат она што им е понудено како медиумски циркус. Вучиќ со Рогозин. Вучиќ со Шредер. Вучиќ со овој, Вучиќ со оној.

И, ништо.

Српско месождерење и парада во чест на хипертрофирано его, сѐ на трошок на српските даночни обврзници. Од буџет до кој формално претседателот нема пристап. Па нема сега да се држиме до Уставот како пијан за стап, нели?

Е, кога од инаугурацијата ќе си заминат светските аугури, кои некогаш од редоследот на птиците на небото умееле да ја толкуваат иднината, а сега само љубезно го легитимираат Алек Први, кога ќе дојде таа светла иднина, тогаш поентата ќе изгледа вака:

- Па, зарем не сте сите на број? - процеди водачот не кревајќи глава.

- Како прашуваш? Крени глава, погледни, преброј колкумина останавме на овој несреќен пат! Погледни какви сме и ние што останавме. Подобро и да не останевме, отколку што останавме вакви накази.

- Не можам да погледнам.

- Зошто?

- Слеп сум!

Единствени аугури кои навистина гледаат во иднината се оние кои како Радоје Домановиќ во патетичните гестови на моќниците препознаваат грандоманско слепило за реалноста на земјата која ја узурпирале.