1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија-„Пепелашка“ во кошарката!

17 септември 2011

Македонците се изненадување на Евробаскетот во Литванија, остануваат коментарите во германските медиуми и по поразот од Шпанија. В недела македонските кошаркари ќе играат со Русија за трето место и бронза.

https://p.dw.com/p/12b8U
Иако не успеаја да го повторат успехот, како против Литванија, македонските кошаркари остануваат изненадување на Евробаскет 2011Фотографија: dapd

„Македонија и покрај поразот од Шпанија останува најголемото изненадување на Европскиот шампионат во кошарка. Топ-фаворитот Шпанија имаше поголема мака отколку што се очекуваше против пожртвуваните Македонци. На паузата дури тимот на Лејкерс- професионалецот Пау Гасол отиде со резултат 44 спрема 45. Но, во вториот дел Македонците, кои во четвртфиналето сензационално ја победија Литванија, го загубија здивот“, пишува германската агенција ДПА.

„Македонската репрезентација е некој вид ’Пепелашка’ во кошарката, од аутсајдер влезе во самиот врв“, воодушевено констатира коментаторот на германскиот канал Спорт 1(ДСФ) по преносот на вчерашниот полуфинален натпревар.

Mazedonische Basketball Nationalmannschaft
Тимот на Докузовски сега има шанса за реванш против РусијаФотографија: MAKFAX

„Браво Македонци!“, „Жал ми е што не влеговте во финалето, бидејќи со пожртвуваноста и храброста го заслуживте“ и „Баш ми беше драго да ги гледам исплашените Шпанци кога губеа на полувремето“, се дел од коментарите на регионалните веб портали по натпреварот во полуфиналето кој Македонија вчера попладнето го загуби од Шпанија со 80 спрема 92.

Речиси без исклучок сите ја фалат играта на македонските кошаркари, нагласувајќи дека во финишот немале среќа со Шпанците, во чија репрезентација има НБА играчи.

Македонија утре ќе се бори за бронзениот медал на Европското првенство во Литванија со екипата на Русија, која во вториот полуфинален натпревар синоќа загуби од Франција со 71 спрема 79.

Во финалето се среќаваат екипите на Шпанија и на Франција.

Автор: ЖА/ АТ/ дпа/ дсф/ миа

Редактор: Александра Трајковска