1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малцинствата на Балканот

Елона Елези | Флоријан Шмиц | Арбер Бајрами
13 април 2020

Како живеат македонското и албанското малцинство во Грција, или грчкото во Албанија? Тројца новинари ги здружија силите за да ги откријат заборавените приказни на Балканот.

https://p.dw.com/p/3ahuQ
Süd-Balkan-Reise Psarades in Griechenland
Репортерите на ДВ - Елона Еелези, Флоријан Шмиц и Арбер Бајрами (од л. кон д.)Фотографија: DW/A. Bajrami

23 часот е во Јанина, Северна Грција, на само 45 минути оддалеченост од албанската граница. Пред околу еден час стасав од Солун, каде како германски новинар живеам веќе шест години.

Албански рент-а-кар е на пат да ме земе. Патниците се Елона, колешка од Тирана и Арбер, Албанец од Северна Македонија. Нашата мисија е да ги комбинираме нашите јазици и познавања и да ги погледнеме малцинствата во пограничниот регион меѓу Грција, Албанија и Северна Македонија.

Прво најважното: малцинствата не се закана

Првата попатна станица ни е Албанија: Ѓирокастро, гратче близу границата познато како родното место на Енвер Хоџа, како и живеалиште на грчкото малцинство во Албанија. Го најдовме нашиот хостел. Флоријан и сопственикот почнуваат конверзација на грчки. Мене ми е вторпат овде. Ми текнува на двајцата православни попови кои утрото дојдоа тука да пијат италијанско еспресо и секако зборуваа грчки. Насекаде се слуша грчки, што мене ми е чудно, бидејќи сум Албанец од Северна Македонија. Таму имаме многу конфликти меѓу двете јазични групи. И целиот проблем со славо-македонското малцинство во Грција: угнетување, национализам, па дури и насилство. На што ли ќе наидеме тука, во едно од малкуте места на Балканот каде малцинствата имаат права?

Следното утро е како сеќавање од детството. Снимаме во основно училиште. Во грчко училиште! Да! Грчко училиште во Албанија! Незамисливо за Македонците во Грција! Директорката и’ кажува на Елона дека децата имаат настава на двата јазика и дека нема конфликт околу тоа дали си Грк или Албанец. „Ги зборуваат двата јазика подеднакво добро!”, ни вели таа. Тоа воопшто не е лоша работа во свет кој сраснува во едно, го сакале ние тоа или не.

Надвор од училиштето го сретнавме грчкиот конзул. Флоријан зборува грчки со него. Конзулот делува вознемирен и си заминува. „Го прашав што може да научиме од примерот со грчкото малцинство во Албанија кога се во прашање малцинствата во Грција. Ми одговори: Кои малцинства?”, Флоријан ни преведува појаснувајќи дека Грција признава само едно малцинство, муслиманите во Тракија.

Повеќе:

Балканските народи и историјата

Еди Рама бара враќање на имотите на Чамите во Грција

Јагмата за бугарски пасоши ги празни селата во Албанија

Како никогаш да не постоеле - по трагите на Албанците во Грција

Го напуштаме Ѓирокастро и се упатуваме кон Коница во Грција.

Мојот прв грчки град е и родното место на Фаик Коница. Тој е еден од најпознатите албански автори, сведок на едно време кога Грците и Албанците го делеле ова парче земја. Не е лесно да се најде неговата родна куќа. Нема знаци што би укажувале каде да се движиме. Луѓето што ги прашуваме никогаш не чуле за него. Како е тоа можно? Во Албанија тој е симбол за интелектуализам. Во неговиот роден град е како никогаш да не постоел.

Се обидуваме да откриеме повеќе за релациите на Албанците и Грците тука. Секого кого го прашуваме вели дека контактите со Албанците се добри. „Кога дојдоа во 1990-те предизвикаа многу проблеми. Не беа добро образувани”, вели една стара жена во пиљарница. „Но, сега сѐ е во ред”, додава таа.

Arber Bajrami, Konitsa, Griechenland
Коница Фотографија: DW/A.Bajrami

Грците алудираат само на мигрантите од 1990-те години. Се’ уште е табу да се зборува за Арванитите или Чамите кои активно учествувале во движењето за независност во 1821 година. Колективна амнезија? Не се троши ни мисла на тоа дека пред само 100 години границата не постоела. „Во Коница 70% зборуваат албански. Но, се плашат..”, ни раскажува албански мигрант од 1990-те. Тој си го ‘погрчил’ името и конвертирал во православие. Да се претопиш изгледа е албанското решение за да се избегне конфликт со Грците.

Решаваме да го посетиме селото Пликати, последно грчко место во планините пред албанската граница. Нема луѓе во тесните улички на убавото историско селце, па влегуваме во кафетерија. Четворица ни посакуваат добредојде. Флоријан нѐ претставува на грчки и објаснува зошто сме дојдени во место кое за медиумите вообичаено не е интересно.

Почнуваат да се гледаат меѓу себе. Сфаќам дека илјада мисли им се вртат низ глава. Изгледаат фини, но воздржани. Сопственикот на кафетеријата е Албанец. Најмладиот е Грк кој пораснал во Германија. Мајка му вели дека е Гркинка, но зборува албански. Додека ја слушам сфаќам дека зборува речиси прастар албански кој сум го слушал од стари луѓе на југот и југоистокот во земјата.

Süd-Balkan-Reise Plikati in Griechenland
Тројцата репортери во ПликатиФотографија: DW/A. Bajrami

Таа и натаму нѐ уверува дека е Гркинка и дека нема никакви врски со Албанија или Албанците. Вели дека албански научила од Албанците кои дошле како работници во селото. Потоа вели дека свекрва и’ била Албанка. Кога Флоријан на грчки ја прашува, таа ја менува приказната. Нешто тука не е во ред. „Јас сум православна Гркинка”, повторува постојано на двата јазика, просто како да сака да нѐ убеди.

Не ја осудувам. Историјата била тешка. На заминување на сите им се заблагодарувам за прекрасниот чај и мед. Ми подаруваат планински чај. Мора да признаам: се почувствував како да сум дома...

„Пост-преспанска депресија”, или - едно табу почнува да се крши

Грчки знамиња на секое ќоше. Ја примив пораката: „Во Грција си Арбер, не во Албанија!” Или во мојата татковина, која многумина во Грција не ја викаат по нејзиното име. Во Коница Флоријан нѐ претстави на двајца продавачи: „Ова се моите колеги од Албанија и Северна Македонија.” „Северна Македонија? Има ли земја што се вика така?”, одговорија тие гледајќи во мене. Секогаш истите шеги.

Се упатуваме кон Псарадес (Нивици), мало, живописно селце на Преспанското Езеро. Тоа е местото кое поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев го одбраа за потпишување на Преспанскиот договор. Само сините езерски води ја двојат Грција од Северна Македонија и Албанија. Сретнуваме стар човек. Флоријан му зборува на грчки, па јас се обидувам со македонски. „Здраво”, велам и имам среќа. Открив дека е тука роден, но раснел во Македонија кога уште била дел од Југославија. „Македонец сум”, вели тој, „а, во куќава живеат Албанци”. Нѐ поканува подоцна да пиеме кафе во неговиот ресторан.

ДВ во Нивици: „Цело село сме Македонци“

„Мислите ли дека има славо-македонско малцинство“, прашувам жена Гркинка. Арбер се крие зад камерата, додека Елона слика детали од селото. „Не, ние сме на грчката страна од границата”, вели жената. Многу луѓе, особено во Северна Грција, каде заедничката историја станала предмет на битка од новонастанатите нации, мислат исто како неа.

Многу Македонци во Солун ми велат дека не ја откриваат својата национална припадност. Грците, особено во регионот Македонија, не се среќни заради името на соседната држава. Донекаде го разбирам тоа. Сепак, агресијата и навредите кои ги слушам од Грците за нивните соседи се надвор од сите граници. Сум бил во задграничните села, сум разговарал со многу луѓе кои се Грци, а зборуваат македонски. Но, официјалната агенда на грчката влада е едноставна: тие луѓе не постојат.

Одиме на кафе кај грчкиот Македонец од пред малку. Арбер зборува со него на македонски цело време. Гркинката која рече дека нема славо-Македонци во Грција седи зад нас и пие грчко кафе. Човекот нѐ запознава со синот и снаата. Синот гордо ни го покажува познатиот преспански грав, кој насекаде во Грција е прочуен по извонредниот квалитет. Го прашувам: „Дали си Грк? Дали си Македонец? Или си двете?” Вели: „Јас сум грчки Македонец”. Се смета за грчки патриот, како многу славо-Македонци со кои сум зборувал.

Македонскиот јазик во Грција

Тие всушност го преферираат изразот етнички Македонци, како што ни вели Павлос Воскопулос. Тој е член на партијата Виножито која ги застапува правата на малцинствата. Го сретнавме во Лерин, нашата следна одредница. „Мора да направиме драстични промени во образовниот систем”, вели Воскопулос. „Мора да ги учиме децата за плурализмот во регионов. Толку прекрасно сме се измешале низ столетијата. Тоа треба да го гледаме како предност.”

Сфаќаме колку е во право кога пристигнуваме во Битола. Македонскиот град е на само 30 минути оддалеченост со автомобил. Во хотелот разговарам со една млада жена, која пуши во дворот. Излезе дека е Гркинка. Таа и сестра и’ дошле во Битола да откријат повеќе за нивниот дедо. Се договараме да поразговараме утредента. На прошетка по снежните улици на Битола, по појадокот чувствувам дистанцираност што се случила преку ноќ. Отворениот разговор од претходниот ден сега е во знак на претпазливост и воздржаност. Кога сакаме да почнеме да снимаме тие одбиваат и не сакаат дури ни анонимно да бидат снимени. Нивни пријател кој нѐ придружува зборува со нас анонимно и вели дека Грците кои имаат македонски корени се сметаат за предавници. Луѓе губеле работни места заради такви околности. Врски се распаѓале. Тој ни раскажува за физички напади и константен мобинг.

„Не е време да се отвори прашањето за славо-Македонците во Грција”, ми рече грчки колега пред неколку месеци. Изминатите денови покажаа дека темата одамна требало да биде на дневен ред и дека Елона, Арбер и јас ќе мора повеќе да патуваме, да среќаваме повеќе луѓе и да ги изнесуваме на виделина. Научивме многу на нашето прво патување посветено на малцинствата за земјите во кои живееме, за тоа како се учи историјата и исто така многу еден од друг. Време е да се изнесат нештата на виделина. Сите се согласуваме во едно: националниот сентимент бил некогаш... време е да им дадеме глас на оние кои се изгубиле во него.