1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мајка Тереза - интегративна фигура во мултиетничка Македонија?“

3 февруари 2009

Прилог на Ноје цирхер цајтунг за отворањето спомен-куќа за Мајка Тереза во Скопје. Како Албанка и христијанка, Мајка Тереза може да биде симбол за интеграција, но и објект за културна борба меѓу Македонците и Албанците.

https://p.dw.com/p/GmRA
Мајка ТерезаФотографија: AP

Во почетокот на написот се констатира дека порано главниот град на Македонија не и’ придаваше премногу важност на добротворката за сиромашните, која потекнува од Скопје. Сега е изградена и свечено беше отворена спомен-куќа, во која се наоѓа и реликвија од неа - едно ковче од раката. Скопје се надева дека куќата ќе биде магнет за туристи, дотолку повеќе што наредната година ќе се навршат 100 години од нејзиното раѓање, а добри се и шансите Папата наскоро да ја прогласи за светица. Во текстот потоа се вели:

„Мајка Тереза е важна за Македонија и од други причини. Настрана од нејзиното духовно значење и придобивката за имиџот, на што се надева земјата, Мајка Тереза би можела да одигра и улога како интегративна фигура во мултиетничка Македонија. Односот меѓу православно-христијанските Македонци и претежно муслиманските Албанци во политиката е хронично, а во секојдневието честопати напнат. Додека Албанците им префрлуваат на Македонците дека ги третираат како граѓани од втора класа, Македонците се сомневаат во лојалноста на Албанците кон државата.

На Мајка Тереза можат да се повикаат и Македонците, како и Албанците

Во суштина има реалност во обата прекора. Обете етнички групи не негуваат никакви заеднички историски точки на поврзување, врз кои би можел да се гради некој мултиетнички државен идентитет. Така, Македонците култивираат спомен на Александар Велики, кој со денешните Македонци има исто толку малку врска, колку и Скендербег со Албанците, кои му оддаваат почести. На Мајка Тереза - албанска христијанка од Скопје, напротив, можат да се повикаат и христијанските Македонци, како и муслиманските Албанци, ушто повеќе што нејзиното дело ужива висок углед кај обете етнички групи.

Но, тој потенцијал не се користи. Во говорите на отворањето на спомен-куќата македонските говорници истакнаа дека Мајка Тереза е дете на Скопје, но не изустија дека е и Албанка. Секако, за самата Мајка Тереза етничкото потекло немаше никакво битно значење. Прашана за тоа, одговарала дека е граѓанка на родниот и’ град Скопје, но дека му припаѓа на светот. Но, за Албанците во Македонија е важно нејзиното етничко потекло и исто така им е важно Македонците да го признаат тоа. Инаку, наместо обединувачки симбол, таа би можела да стане објект на културна борба“, се вели покрај другото во прилогот на „Ноје цирхер цајтунг“.

Автор: Ноје цирхер цајтунг

Превод: Зоран Јордановски