1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара глобална програма за прехранбените производи

Горан Чутаноски7 јули 2008

Канцеларката Ангела Меркел на викендот предупреди дека растечките цени на прехранбените производи можат да ја загрозат безбедноста во светот.

https://p.dw.com/p/EXUS
Канцеларката Меркел со јапонскиот министер за надворешни работи Фукуда спроти самитот на Г8Фотографија: AP

Причината за ваквото предупредување и слободно може да се каже сигнал за тревога на германската канцеларка е експлозијата на цените на прехранбените производи во светот. Според статистиките на Светската банка тие само за изминатите три години се зголемиле за 83%. Според неа исто така глад владее во најмалку 33 држави во светот. Во неколку од нив веќе се случија нереди, а на Хаити дури падна владата поради кризата со прехрамбените производи. Според канцеларката Меркел може да се очекуваат и натамошни нереди и избувнување насилни револти – цените имено се зголемуваат и понатаму!

Важна тема на самитот на Г8

Целата анализа Меркел веќе им ја испратила на колегите од останатите шест високо развиени земји од Групата Г7, кои заедно со рускиот колега од денеска ќе заседаваат во јапонскиот град Тојако. Овој светски проблем ќе добие видно место на дневниот ред на самитот: „Средбата ќе почне со разговори со шефовите на држави и влади од африканските земји. При тоа ќе стане збор за покачувањето на цените на нафтата и на прехранбените производи“ – вели Меркел во видео пораката спроти самитот.

Стратешки насоки

При справувањето со кризата околу исхраната на човештвото, германската канцеларка предлага засилено поттикнување на домашното производство во загрозените земји. Значи развиените индустриски земји треба да им помогнат на земјите во развој во зајакнувањето на сопствените земјоделски капацитети. Освен тоа неопходно е зголемување на резервите за итна помош во случај на акутна криза со недостаток на храна, подобар пристап до посевен материјал и ѓубриво, како и укинување на државните забрани за извоз.

Анализа на причините

Во анализата што Меркел им ја испрати на колегите, како причина за зголемувањето на цените се наведува зголемената побарувачка по прехранбени производи, растечките цени на нафтата, како и одгледувањето растенија за био-гориво. Затоа на самитот во Тојако ќе станува збор и за тоа: „... какви стандарди ни се потребни при садењето растенија за био гориво за да не доаѓа до конкуренција со производството на прехранбени производи.“

Меркел очекува на самитот на Г8 да се создаде сеопфатен пакет мерки за глобално обезбедување доволно храна по пристапни цени во целиот свет.