1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Медведев со спротивставени оценки

Агенции / З. Јордановски15 август 2008

Рускиот претседател го оправда рускиот воен ангажман во Грузија, а германскиот канцелар ги критикуваше руските постапки. Различни гледиштата и во однос на територијалниот интегритет на Грузија.

https://p.dw.com/p/ExyG
Меркел и Медведев во СочиФотографија: AP

На заедничката прес-конференција по средбата во летната резиденција на рускиот претседател во црноморското летувалиште Сочи, германскиот канцелар Ангела Меркел нагласи дека е најважно неодложно да биде спроведен планот за примирје во шест точки и руските трупи да се повлечат од чисто грузиска територија. Таа критикуваше дека некои руски акции биле несразмерни и побара колку што е можно побргу да им се овозможи пристап на меѓународните хуманитарни организации до завојуваното подрачје. Меркел истакна дека е неопходно сеопфатно решение за кризата, при што појдовна точка би морал да биде територијалниот интегритет на Грузија. Според неа, не треба ништо да се менува во заклучоците од самитот на НАТО во Букурешт - Грузија и Украина треба да станат членки на Алијансата, но останува отворено кога ќе се случи тоа.


Медведев: досегашните граници на Грузија се веќе неодржливи


Соговорникот од руска страна, претседателот Дмитриј Медведев, изнесе токму спротивни оцени: рускиот воен ангажман во Грузија беше „соодветен и нужен, за да се заштитат интересите на нашите државјани“, рече тој на прес-конференцијата. „Ако наши мировни трупи и наши граѓани бидат нападнати, ние и во иднина ќе одговориме така, како што одговоривме. Во тоа не треба да има никакво сомнение“, јасно стави на знаење Медведев. Тој оцени дека сегашните граници на Грузија, по војната, веќе не се одржливи. „По се’ што се случи, за Абхазија и Јужна Осетија тешко ќе е можно да живеат во грузиска држава“, рече рускиот претседател и нагласи дека руската влада во натамошното постапување ќе се раководи од „волјата на населението во Абхазија и Јужна Осетија“.

Германската влада, за разлика од американската и од делови на ЕУ, одбива курс на конфронтација со Русија. Наместо јавно укажување на вината, Меркел се надева на решение во дијалог со Русија. В недела канцеларот Ангела Меркел ќе го посети Тбилиси и ќе разговара со грузискиот претседател Михаил Саакашвили.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема