1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел се држи до своето и ја критикува Европската комисија

23 ноември 2011

Германија останува на својот цврст став во должничката криза. Во генералната дебата во Бундестагот околу буџетот за 2012 година, канцеларката Ангела Меркел отфрли менување на улогата на ЕЦБ и воведување еврообврзници.

https://p.dw.com/p/13FML
Не можеше да биде појасна - Ангела Меркел денеска во БундестаготФотографија: dapd

Она што е неопходно е промена на европските договори и пат кон вистинска фискална унија со натамошна хармонизација на политички сфери на евро-државите, нагласи денеска германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот, зборувајќи на генералната дебата за буџетот за наредната година. Ваквиот став Германија ќе го брани на самитот на ЕУ на 9 декември, во Брисел.

„Ако сакаме повторно да добиеме доверба, нема веќе да се верува на самоволни тврдења“, опомена Меркел, осврнувајќи се на недовербата на финансиските пазари во способноста за санација на некои земји членки. Основни проблеми на еврозоната се прекумерната задолженост и недоволната конкурентност на погодените држави, вели меркел и бара министрите за финансии на ЕУ наредната недела конечно да ги определат несоките за засилениот „чадор за спас“ и за рекапитализација на банките.

Со тоа, германската канцеларка решително му се спротивставува на притисокот на најважните западни партнери, како Франција, САД и велика Британија, ЕЦБ да стави на располагање пари заради смирување на пазарите. Тоа, според нејзе, е погрешен пат.

Haushaltsberatungen im Bundestag in Berlin Deutschland ARCHIV
Буџетот за наредната година е на дневен ред во БундестаготФотографија: dapd

Меркел денеска остро ја критикуваше и Европската комисија. „Сметам дека е исклучително несоодветно тоа што ЕК денеска предлага еврообврзници“, рече таа, додавајќи дека тоа ќе се подразбере како проблемот во еврозоната да може да се реши со воопштување на долговите. „Токму тоа нема да успее“, убедена е германската канцеларка.

Што се однесува до предложениот буџет за 2012 година, канцеларката ги бранеше поголемото задолжување, дополнителните инвестиции во изградбата на патната мрежа и умереното намалување даноци. Предлог буџетот предвидува вкупни издатоци од 306,2 милијарди евра и ново задолжување од 26,1 милијарда евра. Тоа во однос на тековнава година е зголемување за 400 милиони евра, или 0,13 проценти.

Автор: ЕМФ/ртр

Редактор: А. Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема