1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите се грижат за бездомниците, државата ја нема никаде

Кристина Озимец
28 јануари 2017

Десетина бездомници најдоа прибежиште од ниските температури и снегот во социјалниот центар „Дуња“. Топол кревет и редовен оброк е реткост за луѓето згрижени од младите волонтери, кои самоиницијативно организираа помош

https://p.dw.com/p/2WWGt
Obdachlose in Mazedonien, Obdachloseheim Dunja, Skopje
Фотографија: Kristina Ozimec

Јагода Витанова е во деветтиот месец од бременоста и е на улица. Таа и нејзината мајка живеат под еден од мостовите на реката Вардар, под отворено небо на температури кои достигнаа и до  минус 20 степени. Снегот кој го покри македонскиот главен град ги натера да побараат помош, за барем на неколку дена да се тргнат од ладното време и да најдат топол оброк и место за преспивање. Заедно со уште десетина бездомници, ги најдовме во социјалниот центар „Дуња“, кој привремено речиси целосно функционираше како прифатилиште за луѓето кои немаат свој дом. 
„Излеговме од домот затоа што мојот сопруг нѐ малтретираше мене и мајка ми. Живеевме во една зграда во Кисела Вода, која изгоре, по што отидовме во Трубарево. Но, таа куќа е многу пропадната. Очекувавме помош и не добивме. Пак се вративме кај сопругот, вети дека нема да нѐ малтретира, но кога дојдовме неколку дена беше добро и потоа пак продолжи. Ја тераше и мајка ми, која е тешко болна, да оди да проси, и на крајот моравме тука да дојдеме. Бараме некаква соба, било каков простор да ни даде државата за да имаме каде да живееме“, низ солзи ни раскажа Витанова. 
Таа вели дека две деца ѝ биле одземени поради тоа што нема место за живеење и планира и третото да го остави во дом, зашто нема услови да го чува.

Obdachlose in Mazedonien, Obdachloseheim Dunja, Skopje
Јагода ВитановаФотографија: Kristina Ozimec


„Ми ветија дека ако најдам куќа, ќе ми го вратат второто девојче, реков, ќе се трудам да најдам дом. Секаде сме биле, никаде не помагаат. Пријавивме во сите институции, но досега немаме никаква помош. Пред Нова година ни го скратија и социјалното од 1200 денари“, вели Витанова за Дојче веле.
Во слична ситуација е и 62-годишниот Спасо Божиновски, кој има проблеми со движењето и е во инвалидска количка. Во центарот „Дуња“ е веќе една недела и вели дека е презадоволен од младите волонтери кои многу му помагаат. 
„Немам каде да живеам, мојата куќа падна целосно, беше многу стара. Таква била судбината. Ако може барам државата да ми обезбеди некаква помош, барем една соба некаде за живеење. Роден сум во општина Илинден, низ годините пред избори градоначалникот Жика Стојановски ми ветуваше дека ќе ми дадат мобилен објект, контејнер, но еве и ден-денес нема ништо од тоа. Бев и во општината, барав помош, еднократна социјална помош, но ми рекоа што бараш овде“, вели Божиновски кој ја моли државата да му најде пристојно место за живот.

Obdachlose in Mazedonien, Obdachloseheim Dunja, Skopje
Топол оброк за десетина бездомници - благодарение на млади волонтериФотографија: Kristina Ozimec


Самоиницијативна хуманитарна акција
Младите од „Дуња“ од кои многумина се студенти, самоиницијативно се организираа за да помогнат. Откако ја слушнале веста дека бездомник почина од студот во Скопје, решиле да го претворат центарот во привремено засолниште за дел од бездомниците. Овој социјален центар, кој функционира врз база на донации, е ангажиран во најразличен тип на активности, од социјално-политички ангажирани па сѐ до изложби, проекции, дебати, настани од културата. Акцијата во „Дуња“ сега е завршена и работите повторно се враќаат „во нормала“ но проблемите на бездомниците остануваат.
Ана од „Дуња“ која со уште неколку волонтери готвеше од донираната храна, вели дека до акцијата дошло поради неспособноста на институциите да се справат со моменталната ситуација. 
„Првичната идеја беше моментално да се згрижат луѓето и да имаат каде да преспијат, додека е ладно. Просторот нема веќе капацитет и не можеме да примиме нови луѓе. Сега ставивме акцент да им се помогне поединечно на оние кои се тука бидејќи сфативме дека секој е со различни проблеми. На некои им треба медицинска помош, на некои помош со лични документи, некој за да најде работа, дел од нив не се способни за работа. Институциите само ги препраќаат од едно на друго место, а имаше случаи кои ги враќаат и од болница и не ги примаат“, вели таа.
Од „Дуња“ велат дека за време на акцијата од институциите не ги контактирал никој. Самите граѓани кои чуле за нив носеле храна, облека и душеци за спиење. Бездомниците ги посетил и доктор, кој ја проверил нивната здравствена ситуација.
Студентката Стефани Ѓорѓиоска дошла да волонтира откако на социјалните мрежи ја видела информацијата за акцијата.
„Постојано бевме тука во зависност од кој како може, за да направиме јадење, да помогнеме и за други потреби. Сега работиме на тоа да обезбедиме долгорочно решение на нивниот проблем. Да обезбедиме документација за оние кои немаат, да ги поврземе со институции кои можат подобро да помогнат. Бараме решение за да не се остават луѓето на улица пак од каде што сме ги зеле. Се надеваме на помош од институциите затоа што сами не можеме многу да направиме, сите сме студенти. Ни треба институционална помош, за да се згрижат овие луѓе“, вели Ѓорѓиоска за Дојче веле.

Obdachlose in Mazedonien, Obdachloseheim Dunja, Skopje
Привремено сместувалиште од студот и снегот за бездомницитеФотографија: Kristina Ozimec


МТСП: Граѓаните да пријават бездомници на 15505
Портпаролката на Министерство за труд и социјална политика најпрвин беше зачудена и личеше дека не слушнала за акцијата за „Дуња“ кога ги упативме нашите прашања до нив. По мејл ни одговорија дека сите граѓани може да пријават лице во ризик на броевите на Центар за управување на кризи, СОС линијата за пријава на лице во ризик 15 505, како и на броевите на Црвениот крст.
Оттаму велат дека тие преземале мерки бездомните лица да ги сместат во пунктот за бездомници во Момин Поток на Црвен крст на град Скопје, прифатниот центар за бездомни лица „Чичино село” Скопје и во постоечките установи за социјална заштита. Згрижувањето на лицата во Центар за бездомни лица може да се оствари само по претходно добиена согласност од самото лице бездомник.
„Континуирано работиме за да се преши проблемот на оваа категорија граѓани и во насока на изнаоѓање на можности за отворање на нов центар со што на подолг рок би се решил проблемот“, велат оттаму. Неофицијалните проценки се дека само во Скопје има најмалку 1000 бездомници.