1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можат ли кинеските пари да ја спасат Европа?

27 октомври 2011

Многу ослабнати земји од еврозоната излезот го гледаат во финансиските „инjекции” од истокот на Азија, пред се´ од Кина. Но, можат ли кинеските милијарди да ја извлечат Европа од должничката криза?

https://p.dw.com/p/130Dy
Европските лидери се надеваат на помош од Кина за спасување на еврото и УнијатаФотографија: picture-alliance/dpa

По избивањето на должничката криза во Европа и САД политичката рамнотежа уште повеќе е поместена во правец на Кина и останатите стопански сили во подем. На неодамнешниот состанок на министрите за финансии на членките на земјите на групата Г20, Кина, Индија и Бразил најавија дека преку Меѓународниот монетарен фонд на задолжените земји уште повеќе ќе им дојдат напомош.

Но, помошта од земјите кои до неодамна примале помош за земјите во развој е нешто на што Европјаните се´ уште не можат да се навикнат:

„Одеднаш доаѓаат три земји кои уште до пред 20 или 30 години ниту не сонувале дека ќе можат рамноправно да седат на иста маса”, вели Еберхард Зандшнајдер од Германското друштво за надворешна политика.

„И сега цврсто во рацете го држат ММФ за кој Европјаните и Американците веруваа дека се наоѓа под нивна контрола”, заклучува Зандшнајдер.

Symbolbild Deutsche Investitionen in Asien
Кина треба да ја спасува ЕУ, каде бруто домашниот производ е многу пати поголем од кинескиотФотографија: DW-Montage

Европа не може сама да се извлече од кризата

Но, иако Европа се´ уште се воздржува со раширени раце да ја прифати помошта, земјите во стопански подем веќе со полна пареа, како што јавува „Фајнешл Тајмс”, работат на проектот за спасување на ослабнатите земји. Зад тоа стои цврстото сознание дека Европа нема да биде во состојба сама да се извлече од кризата. Моментно како еден од главните инструменти ги фаворизираат обврзниците на ММФ кои би го спречиле натамошното ширење на должничката криза. Тие на земјите како што е Кина би им пружиле поголема сигурност од обврзниците на задолжените земји.

Наспроти досегашната повеќепати нагласувана подготвеност за помош, Пекинг засега е многу воздржан кога се работи за купување на акции на задолжените европски држави. Во Фондот за заштита на еврото Кинезите досега вложиле само 300 милиони. И тоа наспроти големите девизни резерви на Кина кои се проценуваат на 3,2 билиони долари. Но, кога се во прашање инвестициите Кинезите повеќе се раководат по принципот на сигурност отколку брза заработувачка. Но, Кина всушност воопшто не е во состојба во поголема мерка да им пружа помош на останатите држави.

„Стопанскиот ефект на Кина на прв поглед се чини голем но се создава потполна поинаква слика кога тој ефект ќе се подели по глава на жител“, смета Хуанг Земин од „East China Nornal University“ и додава : „Кина е се´ уште сиромашна земја. Годишниот бруто производ по глава на жител изнесува само 5.000 долари. Во Европа тој е десет пати поголем”.

Ако кинеската помош стане реалност, таа нема да биде безусловна

Кога се согледа тој однос, финансиската помош на Кина на Европа станува нереална.

За Кинезите Европската унија веќе одамна стана најважен стопански партнер. Во 2010 година сите 27 членки на ЕУ увезоа од Кина стока во вредност од 280 милијарди евра. Во случај еврото да крахира тоа за Кина ќе претставува голем проблем. Слабото евро освен тоа ги загрозува кинеските резрви. Кина веќе со години, за да се помести од зависноста на политиката на Американската централна банка, наместо во долари инвестира во евра. Се проценува дека во меѓувреме четвртина од кинеските резерви се во евра.

Кина за својата помош, како и да излезе на крајот, ќе очекува и противуслуга. Тука се работи пред се´ за симболичното но многу значајно признание на Кина како рамноправен партнер со развиено пазарно стопанство. Тоа, освен симболично значење на вбројување на Кина во истиот ранг со западните партнери ќе значи и осигурување на Кина од тужбите поради дампингот. Кина посакува брзо решение на овој проблем и сходно на тоа веројатно ќе испадне и нејзината помош на ослабнатата Европа.

Автор: Цанг Данхонг/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска