1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Потребна ни е интернет полиција!

Крсто Лазаревиќ
13 јануари 2018

Кој на социјалните мрежи се заканува или подбуцнува, не смее да остане неказнет. Сепак, концерните како Фејсбук не треба самите да одлучуваат колку далеку оди слободата на мислењето, смета Крсто Лазаревиќ.

https://p.dw.com/p/2qlEw
Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Замислете дека навечер сте излегле од дома. И, од една страна стои некој со знаме на германскиот рајх, а од друга - маж со мегафон кој извикува: „Нека горат домовите на азилантите!“ И додека сѐ уште сте во шок поради оваа сцена, непозната личност ви приоѓа од зад грб и ви шепнува во уво: „Знаеме каде живееш, лесно ќе те најдеме!“

Ако не живеете во Дрезден или не сте наишле на демонстрации на Пегида во понеделник навечер, тогаш вакви сцени нема да дожевеете, бидејќи повеќето луѓе имаат нормално воспитување и знаат дека такви сфаќања и закани не се во ред.

Некои, за волја на вистината, со задоволство би изнесле такви погледи, но тоа не го прават бидејќи стравуваат од кривично гонење и од полицијата. Таков страв немаат на интернет. Кој на социјалните мрежи се заканува, шири расизам или навредува, во Германија фактички не мора да стравува од кривичен прогон.

Пофалба од Русија за германскиот закон

Исклучок се случаите кои предизвикуваат големо внимание кај јавноста. Откако политичарот на АфД Јенс Мајер на Твитер изнесе расистичка навреда на смета на Ноа Бекер, син на прочуениот поранешен тенисер Борис Бекер, Берлинскиот покраински суд му забрани така да пишува. Хронично преоптоварените германски судови вообичаено не се занимаваат со навредите кон помалку познати личности.

Други колумни од авторот: 

-Моја Европа: Мора да останеме будни!

-Моја Европа: Што е татковина?

-Моја Европа: Десничарските популисти веќе ги добија изборите

Германската влада го идентификуваше проблемот, но на него реагираше, за жал, со еден од најглупавите и најопасни закони кои во последниве години се донесени во Германија - иако пред неговото донесување го критикуваат речиси сите експерти.

Да бидеме фер - имаше и пофалби. Пратениците на Путиновата партија Единствена Русија во Думата сметаат дека германскиот закон е толку добар што би морал да се прекопира и предложи во Русија.

DW Shift "Behördentwitter"
Фотографија: ZDF

Во случај на двоумење - против обвинетиот

Законот за подобрена примена на правата на социјалните мрежи (НецДГ) во Германија е во сила од почетокот на годинава - и засиленото бришење на постови на социјалните мрежи веќе започна. Негови жртви се и политички и сатирични текстови кои не се ни кривично-правно релевантни, ниту пак претставуваат јазик на омраза. Твитер покажа особен недостаток за смисла за хумор и привремено го блокираше сатиричниот магазин Титаник.

Кога германската држава се заканува со казни, интернет концерните делуваат по принципот „In dubio contra reum - во случај на двоумење против обвинетиот. Фејсбук, Твитер и компанија уште и пред стапувањето во сила на новиот закон мораа да ги проверуваат своите содржини од аспект на кривично-правната релевантност. Проблемот со новиот закон е во тоа што оние кои работат за овие компании сега побрзо ги бришат содржините и ги блокираат корисниците отколку порано.

Има и содржини кај кои лаици не можат на прв поглед да препознаат дали се кривично-правно релевантни, кај кои мора добро да се одмери со што се отишло предалеку, а што и натаму може да се смета како уметничка слобода.

Иронијата во тоа е што е возможно и министерот за правда Хајко Мас да биде жртва на сопствениот закон. Тој во ноември 2010 година, откако Тило Сарацин ја објави својата контроверзна книга „Германија се укинува себеси“, објави твит кој гласеше: „За време на посетата на исламската заедница во Сарбрикен повторно стана јасно колкав идиот е тој Сарацин“.

Сатира или закана?

Притоа едноставно е погрешно Сарацин да биде окарактеризиран како идиот, бидејќи станува збор за поим од старогрчкиот јазик - тој означува личности кои се држат понастрана од јавните и политичките работи, што за жал Сарацин не го прави. Исправно би било тој да биде окарактеризиран како лош писател и одвратен расист по убедување, кој од омразата кон малцинствата во Германија повторно направи салонска дисциплина.

Упс! Дали овој исказ потпаѓа под НецДГ, па поради тоа би морало да биде избришан, или е тоа слобода на мислење? Да бидеме искрени: сакате ли навистина за тоа да одлучуваат Фексбук, Твитер и компанија?- Првиот потег на новата влада би требало да биде укинување на овој закон.

Притоа работата не е решена, бидејќи не е случајно тоа што меѓу најострите критичари на новиот закон спаѓаат десничарските популисти, екстремисти и неонацисти? Тие сакаат и натаму да подбуцнуваат и неказнето да шират расизам, сексизам и антисемитизам.  

Затоа ни е потребна интернет полиција. Не мислам на патроли кои би требао да бидат повлечени од улиците и принудени цел ден да читаат затапувачки коментари на Фејсбук. Мислам на образовани луѓе, кои можат да одмерат што е сатира и полемика, а што е закана и подбуцнување на народот; компетентни лица кои умеат да препознаат дали на некој корисник нешто само му „излетало“, па би требало љубезно да му се укаже на тоа, или некој ја пречекорил границата на кривично дело.

Facebook Laptop
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Бришењето на постови не е доволно

Проблемот со неказнивоста на интернет нема да биде отстранет со новиот закон, бидејќи се бришат само кривично-правно релевантни постови, па германското правосудство и натаму ќе биде оптоварено. Потребни се повеќе ресурси и повеќе судии, кои се разбираат во тематиката.

Ако некој се заканува дека физички ќе ме нападне, не сакам таа закана само да се избрише. Сакам таа личност да сфати дека такво нешто не може и натаму неказнето да се прави. Ако некој напише „гас за Евреите“, тогаш сакам таа личност да одговара за подбуцнување на народот, а не само да се нервира дека постот ѝ е избришан.

Интернет полицијата би била значително поскапа од едноставно пренесување на одговорноста врз концерните, какво што имаме сега. Кој ќе го плати тоа?, се прашуваат некои. Но, постои модел според кој компаниите плаќаат данок во земјите во кои остваруваат профит, па од тоа се исплаќаат државните издатоци за полицијата, училиштата или болниците. Епл, Алфабет и Фејсбук не се некои љубители на тој модел, но тоа веќе е друга работа.

Крсто Лазаревиќ е роден во Босна и Херцеговина. Како дете со семејството пребегал во Германија. Денес живее во Берлин, работи како новинар и публицист и пишува за различни медиуми на германски јазик.